Во склоп на компанијата Микросам АД во Прилеп, работи Академија Микросам, каде се вршат обуки за програмери, инженерски помошници во машинството и инженерски помошници во електроника, автоматика и роботика. Во летниот период Академија Микросам работи и со средношколци во Клубот за талентирани средношколци. Сите овие обуки во Академија Микросам се бесплатни, единствен спонзор на Академија Микросам е компанијата Микросам АД. Преку овие обуки Микросам АД го поддржува развојот на младите таленти.
Oд 18 до 22 октомври 2016год. во Скопје се одржа саемот за техника Технома 2016. Паралелно со Технома веќе традиционално се одржува и меѓународната изложба на пронајдоци, иновации и нови производи МАКИНОВА 2016.
Академија Микросам учествуваше на Макинова 2016 со два проекти: “Робот – сложувач на рубикова коцка“ и “Роботска рака која игра tic tac toe со човек“ . Проектите ги изработија средношколци учесници на Клубот за талентирани средношколци 2016, Давид Лазароски и Ѓорѓи Димески, под менторство на проф. Емил Тавчиоски.
Поради иновативноста и успешноста, проектите се наградени на Макинова со две златни плакети.
Академија Микросам повеќе години со ред настапува на Макинова и освојува награди.
Со ова се докажуваат квалитетните обуки во Академија Микросам.
Идејата за еден ваков тип на образование, кој ги вклучува најатрактивните курсеви, е единствена и оригинална, барем на овие простори.
Микросам Академијата е само дел од целокупниот концепт на Микросам АД за промена на пристапот на работа, образование, размислување, како императив за постигнување на заедничката цел: Подигање на нивото на техничко – технолошки развој на Република Македонија.