Клубовите во Италија обединети, бараат Сериа А да продолжи

Иако имаше сериозни разлики меѓу дел од клубовите дали треба да се доигра Серија А, калчолигашите сепак едногласно застанаа зад одлуката дека Серија А мора да продолжи, откако италијанскиот фудбал дојде до работ практично да ја откаже сезоната налик на Франција.

Сериозен проблем на Апенините искрсна во последнава недела, иако се најавуваше и посочуваа термини за рестарт на првенството, но државните власти сметаат дека во моментов нема услови, а и не е време за играње фудбал. И, ако до пред 10-на дена имаше клубови како Торино, Бреша, Сампдорија кои не сакаа ни да чујат за фудбал, сега ституацијата комплетно се сврте.

Според последните информации, сите 20 клубови во Италија едногласно кренале рака за продолжување на сезоната и доигрување на преостанатиот дел откако пандемијата со коронавирус, која косеше на Чизмата и одзема над 27.000 животи веќе два месеци ги прекина сите спортски активности.

Инаку одлуката за продолжување на сезоната доаѓа откако денеска на видео-конференција на сите клубови им било предочено колку пари ќе загубат ако не се доигра сезоната и ако телевизиските куќи кои имаат права како Скај, ДАЗН и ИМГ ги откажат договорите и решат да поднесат тужби.

Во моментов најголем камен на сопнување е што во Италија има екстремно загрозени региони како Лоимвбардија, Венето, но и помалку загрозени региони, па сите клубови не може да ги исполнат сите безбедносни протоколи за да се вратат на тренинзи, а уште помалку за да организираат и мечеви без публика.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.