КАКО ДА ВОСПИТАМЕ ПРЕКРАСНИ ДЕЧИЊА

Пишува ИВАНА МАКАЛОСКИ – Дипломиран професор по англиски јазик и книжевност

Подобро е да воспитувате момчиња и девојчиња отколку да поправате мажи и жени!

Оваа генерација на деца имаат добри причини да израснат во млади луѓе кои ќе му дадат на човештвото добро име.

Во ново време, постојат многу дилеми за тоа како да ги воспитаме и доведеме на прав пат нашите деца. Многу често слушам: „Јас не смеам ништо да му забранам на моето дете, веднаш се лути и добива напад на нервоза! ,,Или, „што имам јас да работам со него кога оди на училиште“. Молам?! Не смееш да забраниш или тоа е еден од полесните начини да ја избегнеш својата обврска, посветеност и улога на родител кој треба да се почитува од страна на своето дете. Верувам дека секој родител сака да биде посветен над своето дете, но, до кој степен на попусливост и посветеност?

И да, точно е дека на училиште треба да учи и да се надоградува, но, темелот на карактерот на детето потекнува од дома. Некој рече дека децата се одраз на своите родители и точно е тоа. Апсолутно, дома е потребна работа, упорност, разбирање и љубов. Некој би рекол „жртва“…. јас не би рекла „жртва“ бидејќи она што го вложуваме во нашите деца го вложуваме во самите себеси, во делот што изникнал од самите нас. Повеќе би рекла – „задоволство“.

Која е најважната работа што треба еден родител на почеток да ја направи за успешно да го воспита своето дете? Внимателно да ја следи психилогијата на детето. Од почеток, од мали нозе.

Танка е линијата помеѓу улогата на родител-наставник. Взаемна е. Заедничка е.

И Ние, како професори, првата и основна работа што треба да ја направиме е да ја проучиме психата на секој ученик, длабоко да навлезиме во неа и со стратегија да управуваме со однесувањето и надоградувањето на детето/ученикот.

Почитта не се добива само со строго поставени граници помеѓу врската ученик-професор. Почитта и љубовта се добиваат со почитување на самите ученици, со чувство на заедништво и припадност во училницата, со топлина,достапност и грижливост, со поставување на високи очекувања за учениците, со инспирација и страст кон учењето и со покажување на професионализам во сите области.

Добар наставник е оној наставник кој максимално е посветен и учествува во сите сфери од животот и секојдневието на ученикот/детето.
Воспитувањето на децата не престанува никогаш, но Најважната основна возраст за темелно воспитување на детето е до 6 години.

Потребни се три неопходни дара кои родителите и професорите можат да им ги дадат на децата со што ќе им помогнат да успеат во денешниот свет кој е под голем притисок.

Тоа се:

Сигурност (каде што детето ќе се чувствува сигурно кога ќе знае дека е почитуван дел од семејниот и училишниот тим. Дајте му задачи, пофалете ги неговите промени и неговите чекори кон успехот, така што ќе знае дека е ценето поради својот придонес).

Чувство за сопствена вредност (Самопочитувањето доаѓа од чувството на напредок. Кога Вашето дете/ ученикот знае дека е способно самостојно да направи правилни избори, наместо само да работи по инструкции, чувството за сопствена вредност ќе дојде однатре.

Понудете пораки кои потврдуваат љубов како: „Сакам кога размислуваш со своја глава“ или „ Во ред е да погрешиш – така учиме“).

Дадете му го на Вашето дете/ученикот дарот на индивидуалност и избор (Барајте негово мислење и ценете го. Кога му е тешко, апсолутно нудете ја Вашата перспектива на „возрасна личност„.

Во една своја книга Raising Children at Promise, д-р Тимоти Стјуарт наведува седум карактеристики за кои верува дека градат „ветување“ кај децата: наша упорност, одговорност за нашите постапки, оптимизам, мотивација низ идентитет, интегритет, помагање, вклученост во играта. На децата/учениците им е потребно да чувствуваат припадност. Потребни им се родители и наставниците кои имаат силно чувство за тоа што претставува нивното семејство и опкружување и кои се доволно сигурни да преземат контрола. Потребно им е да имаат потврда за своите најдлабоки соништа. Потребно им е да добијаат големи очекувања и високот ниво на поддршка од своите родители и наставници.
Љубовта се пишува В-Р-Е-М-Е

Децата/учениците сакаат да чувствуваат дека се грижите за нив. Тоа ги допира нивните најдлабоки потреби за значење и љубов.

Ако некој родител сака неговото дете да знае одредени работи во животот, тоа би биле: да постави само основни цели, да знае што е љубов, да не се откажува никогаш, да знае дека некои луѓе имаат право да не бидат во право, животот не е фер, одговорност за своите постапки, внимавање на изразувањето, истакнување на своите предности, некои работи не се црно-бели.

Сепак, добро е да се знае дека:

-Ако си љубезен, луѓето можеби ќе те обвинат за себични, скриени мотиви. Сепак, биди љубезен.
– Ако си успешен, ќе најдеш и лажни пријатели и искрени непријатели. Сепак, биди успешен.
– Ако си искрен и одговорен луѓето можеби ќе те изневерат. Сепак, биди искрен и одговорен.
– Ако најдеш спокој и среќа некои можеби ќе бидат љубоморни. Сепак, биди среќен.
– Дај му го на светот најдоброто што го имаш, и можеби никогаш нема да му биде доста. Сепак, дај му го на светот најдоброто.
– Гледај, на крајот, тоа е измеѓу тебе и Бога. Сепак, тоа никогаш не било помеѓу тебе и нив.

На крај, навистина ни се потребни луѓе кои треба да му дадат на човештвото шанса, и да се поправи она што е веќе е уништено, а тоа е ценењето на вредноста на човекот. Никој не е совршен, но, ајде да дадеме од себе максимално што можеме и во свои раце да ја земиме иднината на нашите деца и генерации. Ајде да ги воспитаме, научиме и да ги израсниме нашите деца во добри и несебични луѓе!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.