ИН МЕМОРИАМ
Утрово на 46-годишна возраст во Мелбурн почина Гоце Груевски- Чолакот.
Груевски беше дете на ФК Победа и нејзин капитен во сезоните кога прилепскиот клуб почна да ги бележи своите најголеми клупски успеси кои му овозможија и излез на меѓународна сцена.
Гоце го чуваше голот на Победа покрај во домашните натпреварувања од 1997 до 2000 година и во настапите во Купот на УЕФА против Одра и Интертото купот против Озета Дукла Тренчин и на антологискиот двомеч со италијанската Перуџа.
Со своите одбрани во дресот на Победа го заслужи и дресот на македонската фудбалска репрезентација кој го носеше 8 пати( 3 меча во квалификациите за СП во Јапонија и Ј.Кореја 2002 и на 5 пријателски натпревари во 2000 и 2001 година).
Потврда дека стануваше збор за еден од најдобрите голмани во тој период кај нас е фактот дека Гоце Груевски го чуваше голот на нашите најдобри клубови:Победа, Вардар, Работнички, Слога Југомагнат, Македонија ЃП и Беласица.
Од 2006 година заминува за Австралија каде 14 години беше најпрво голман а последниве години тренер на голманите во најпопуларниот клуб на Македонците во Мелбурн-Македонија Престон,а работеше и во академијата на Манчестер Сити.
Почивај во мир Гоце. Сочуство од цел Прилеп, твојата ФК Победа и сите нејзини приврзаници.