И Пендаpoвcки пpизна: Лоши сме во битката пpoтив кopyпциjaта

Лоши сме во битката против корупцијата, а немаме капацитет за ветинг, оцени претседателот Стево Пендаровски, во синоќешното гостување во емисијата „Патот кон“ Алсат М, прашан за процесот на ветинг.

Според него, правосудниот систем во земјава испорачува слаби резултати, но, како што укажува, не е само тој надлежен за борбата против корупцијата.

-Нашето однесување, на политичарите на локално и централно ниво во однос на непотизам, тендери, наддавање, е примарен генератор за корупцијата да биде на вакви размери. За волја на вистината, перцепцијата за корупцијата е прилично поправена како оценка, но не е доволно и во западно-балкански рамки. Треба да бидеме најдобри на Западен Балкан и да почнеме да се мериме со европскиот просек. Далеку сме од просекот, посочи претседателот.

Тој е за ветинг, но прашува кој ќе го спроведува.

-Околу ветингот, секој од нас од политичарите особено после изјавата на американската амбасадорка дека дошол некој посебен тим кој ќе прибира информации, дава некави изјави, но еве прашувам кој ќе го спроведува? Кој орган? Дали е тоа истиот човечки материјал кој доведе до овие осум проценти доверба во правосудството? Подобро е со личен пример да покажеме дека сме насочени кон тоа да имаме нула толеранција кон корупцијата, први кај нас и во нашето непосредно опкружување, рече Пендаровски.

Пендаровски најави дека е можно да се кандидира за втор мандат на наредните претседателски избори.

-Ако граѓаните се задоволни од мојот мандат, здравје Боже до 2024 година, и се разбира ако добијам политичка поддршка од коалицијата што ме поддржуваше во претходните два пати, ќе размислам на таа тема, рече Пендаровски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.