Владата денеска во 11 часот ќе одржи вонредна седница на која ќе се разгледува состојбата со цените на горивата, во пресрет на можен нов раст поради турбуленциите на светските нафтени берзи.
По седницата, во 11:45 часот, прес-конференција ќе одржи премиерот Христијан Мицкоски.
Претходно, Мицкоски најави дека Владата ќе донесе одлука за намалување на акцизите, со цел да се ублажи ценовниот притисок и да се спречи ново поскапување.
„Според овие калкулации, дизелот требаше да поскапи околу 7 денари, а бензините околу денар и пол до два. Со владината седница исполнети се условите да ги намалиме акцизите – за дизелот за 4 денари по литар, а за бензините за 2 денари по литар“, изјави Мицкоски.
Според најавите, цената на дизелот се очекува да стагнира, додека бензините би можеле да поевтинат за околу половина денар, зависно од тоа дали ќе продолжат попустите од компанијата ОКТА.
Конечната одлука за цените, како и досега, ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика во понеделник.
Премиерот нагласи дека мерките ќе имаат фискални последици, но Владата ќе продолжи со интервенции.
„Тоа ќе се одрази врз буџетот, но ќе продолжиме и со мерката 10% ДДВ уште две недели, по што ќе ја следиме состојбата и ќе реагираме“, изјави Мицкоски.
























