Историја долга 55 години на едно место – Марјан Ѓорески: “Занаетот е наследство од татко ми, а син ми чекори по истиот пат”

BeFunky Collageasdsa

Марјан Ѓорески е еден од ретките занаетчии кои се останати во Старата прилепска чаршија. Занаетчискиот дух живее во неговото семејство, а вредните раце создаваат вистински ремек дела.  

Три генерации тапацери на исто место 55 години, во дуќанот кој се наоѓа на почетокот од Старата чаршија. Во дуќанот “Воѓанец” постојано владее позитивна атмосфера, песна и љубов, а како резултат на тоа од него излегуваат само задоволни муштерии. Со работа започнал татко му кој со многу труд, ентузијазам и енергија направил овој занает да биде окупација за целото семејство. Мајстор Марјан си ја сака работата и е среќен што во ова модерно време опстојува како занаетчија.

17373136_10210625700310361_1815488855_o

– Каде е почетокот на оваа приказна ? Кога вие започнавте да го работите овој занает и дали тој се пренесува во вашата фамилија од колено на колено ?

Занаетот е наследство од татко ми. Татко ми го започнал, а јас работам скоро 30 години. На истово место дуќанот се наоѓа 55 години.

-Дали може да се живее и заработува од овој занает ?

– Од овој занает може да се заработи за пристоен живот и да се вади просечна македонска плата. “За леб не те умира ама и газда не те прави”.

17327927_10210625697950302_1017498050_n

-Дали младите се заинтересирани, дали се случило некој да дојде и да побара да научи нешто за овој занает ?

-Младиве не се заинтересирани за ваква работа. Многу е тешко да се пронајде и работник за овој занает. Најпрво прашуваат колку е голема платата за да ги научите да го работат занаетот. Тие да учат а јас да платам. Работници нема, сите сакаат “леб без мотика”.

17353019_10210625698510316_234404122_n

-Кои алати му се потребни на еден занаетчија тапацер ?

-Во овој занает се употребуваат многу алати. Најпрво имаме столарски машини, без столарски машини ова не може да функционира, бидејќи не е само тапацирање, туку има и дрвенарија. Исто така се употребуваат кратилици, бансек, бормашини, столни бормашини. Се употребуваат машини за шиење обична , оверлак…

17352900_10210625698670320_1483226629_n

-Кои материјали се потребни за тапацирање на мебел ?

-При работењето користиме различни материјали: дрво (бука, чам), за тапацирање се користат екокожа, мебел штофови, сунѓери, лепила, скај, федери и многу други репроматеријали. Најголема побарувачка имаме за реновирање на кревети и гарнитури. Ни требаат околу 7 денови за реновирање на поглоемо парче мебел, дури и да е многу уништено тоа е времето кое ни е потребно за целосно тапацирање. Она што е важно да се кажи е тоа дека освен конструкцијата на мебелот се останато е променето, како нов мебел. Се поправа дури и дрвенаријата.

-Што може да направи државата за подобрување на состојбата на занаетите, а со тоа да ја врати и старата атмосфера која владеела во прилеската чаршија?

-Во истиов дуќан работам 30 години, но сега што се однесува за занаетите ситуацијата е променета. Ја нема повеќе таа добра атмосфера и дружењата на занаетчиите. На прсти се бројат занаетчиските дуќани во Старата чаршија. Занаетите се речиси исчезнати во прилепската чаршија. Секако дека државата може да помогне да се промени таа состојба. Можеби субвенции во занаетите би помогнале.

17354832_10210625699150332_622118198_n

-Дали имате наследник во, дали постои некој што ќе ја продолжи оваа успешна приказна ?

-Мило ми е што мојот син ќе ме наследи . Тој има само 24 години а веќе е вистински мајстор во овој занает.

 

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.