Жива музика, играње на маси и прегрнување, затекнале инпспекторите на терен во текот на вчерашниот ден кога по пауза од повеќе од два месеци се отворија угостителските објекти во држвата.
Директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски на денешната прес-конференција рече дека е разочаран што угостителите и гостите затекнати во објектите покажале особено ниска свест и непочитување на владините протоколи. Од денеска најави дека ќе следуваат казни и засилени инспекции и за време на викедите.
-Свеста на граѓаните и на угостителите е на крајно ниско ниво. Затекнавме жива музика, качени гости на маси, прегрнати. Кога инспекторите ќе влезеа во локалите, газдите им велеа: ‘Едуцирајте нѐ и напуштете го објектот’. Не се почитуваат сите точки од протоколот, не само некои. Совеста затаи и затоа најавувам дека од денес секој ден и во сабота и недела, од утро до вечер ќе бидеме на терен и ќе казнуваме, изјави Пауновски.
Во однос на легитимирањето на гостите од страна на угостителите, Пауновски рече дека Државниот пазарен инспекторат не учествувал во креирањето на протоколите, туку со претставниците на Владата биле синдикатите на угостителите, а задача на ДПИ како што објасни е да ги спроведува донесените протоколи.