Интервју со Климентина Ѓорѓиоска: Првенец на генерација на Солунскиот универзитет „Аристотел“

Гимназијата  „Мирче Ацев“ од Прилеп отсекогаш претставувала расадник на талентирани успешни луѓе. Ова е уште една успешна приказна за една поранешна гимназијалка, Климентина Ѓорѓиоска.

Поради највисокиот просек и успешното учество во многу активности, таа е прогласена за првенец на генерација на факултетот за политички науки на Солунскиот универзитет „Аристотел“. Поради тоа, решивме да направиме кратко интервју со неа.

11

Кажете ни нешто повеќе за Вас, која е Климентина Ѓорѓиоска?

Најпрвин би сакала да се заблагодарам на поканата за интервју и да им посакам успешна школска година и многу нови знаења на сите гимназијалци.

Се сметам за личност со сестрани интереси, уште како гимназијалка ги сакав општествените науки, социологијата како наука за општеството ме восхитуваше, бидејќи нудеше аналитичен пристап кон општествениот развој, но и значајни политички и економски аспекти.

Во мојот фокус, отсекогаш беа и странските јазици, коишто секако ни овозможуваат верзираност и лесна комуникација во ова глобално општество денес, каде информациите течат толку брзо кoлку и човековата мисла.

Јас и денес, сум човек кој им се радува на новите знаења, бидејќи сметам дека ни отвораат нови хоризонти и не прават побогати како луѓе.

Покрај политичките науки, вљубеник сум во уметноста, ги обожувам делата на славниот Ван Гог и на останатите импресионисти како Мане и Гоген, потоа на Рене Магрит, кој толку умешно успеал да ги сплоти сликарските потези со длабоко егзистенцијални поенти, но и на Американецот Едвард Хопер, кој ја потенцира осаменоста и алиенацијата на човекот во современото доба.

Ја сакам литературата, поезијата, филозофијата, но и историјата – љубов која во мене ја култивираше мојот тогашен професор по историја Кире Николоски.

Најдобро ме опишува латинската максима „Nulla dies sine linea“, зашто само така човек може да се чувствува убаво и реализирано.

Што ве поттикна да се запишете токму на Солунскиот универзитет?

Уште за време на гимназиските денови следев курс по грчки јазик и благодарение на мојата професорка Екатерина Вида успеав да ги научам добро основите на грчката граматика. Кога дојде време да размислувам за своето академско образование, имаше конкурс за стипендии за високо образование на грчките универзитети. Оваа можност беше одлична со оглед на тоа дека отсекогаш сакав да продолжам со образованието надвор, да студирам на друг јазик, во нова средина, во земја со богата култура, архитектура и историја. Го избрав солунскиот универзитет „Аристотел“ бидејќи отсекогаш бил во листата на престижни европски универзитети, еден од најдобрите грчки универзитети, ако не и најдобар. Задоволство беше да се студира во земјата – лулка на демократијата и на филозофијата.

Дали политичкиот проблем помеѓу Македонија и Грција и јазикот претставуваа бариера или проблем при студирањето?

Проблемот со името меѓу двете земји, никогаш не преставуваше бариера, не само при студирањето, туку и во моите лични односи во Грција. Јас поминав шест преубави години во Грција, уживав во убавините на земјата, на музиката, на грчката кујна. Уште од првиот академски час, стекнав искрени пријателства кои траат се до денес. А, што се однесува до грчкиот јазик, да се студира и да се полага на еден таков мелодичен јазик беше голем предизвик и голема сатисфакција, но бариера во никој случај.

Дали бевте единствена Македонка – студент на Солунскиот универзитет?

Јас бев единствен студент од Македонија на Факултетот за политички науки на солунскиот универзитет „Аристотел“, а имав пријатели Македонци кои студираа на Универзитетот, но на други факултети.

Kаков беше односот кон Вас на професорите и другите студенти?

Моите професори беа вистински професионалци, виртуози во својата професија, исклучителни теоретичари во својата бранша. Нивниот однос кон мене беше секогаш објективен и непристрасен. Потврда за тоа се високите оценки, коишто доведоа до тоа јас да сум првенец на генерација. Нема поголема потврда за нивната објективност од доделувањето на највисокото признание – да се биде прв меѓу првите, а да доаѓаш од друга земја, особено од земја којашто има политички проблем со Грција. Тие не само што беа објективни, туку беа особено среќни и горди на мојот успех. За нивната објективност, зборува не само ова признание, туку и минатогодишната плакета за најдобар студент по пракса за академската 2014 година, но и едукативната екскурзија во Брисел, по завршувањето на првата година од моите студии,  кога само избран број студенти од сите години имаа можност бесплатно да ги посетат институциите на ЕУ во Брисел, а јас бев дел од таа посета, благодарение на високите оценки. Моите колешки и колеги, се пример за коректен однос. Тие често искрено ми честитаа за моите оценки, за моите успеси и знаеја да го вреднуваат фактот дека иако грчкиот не е мој мајчин јазик, јас сепак успевав да добијам високи оценки.

12

Какво е чувството да се биде најдобар студент, првенец на генерација и тоа на Солунскиот универзитет?

Задоволство и гордост е да се биде првенец на генерација, а особено на државен и реномиран Универзитет како што е солунскиот „Аристотел“. Среќата во моментот кога се доделуваше признанието и кога ја читав заклетвата, но и говорот не можат да се опишат со зборови.

Каде се гледате во иднина? Какви планови имате за понатаму …?

Ќе продолжам да чекорам во светот на науката. Следниот чекор ќе ми бидат постдипломски студии, се уште сум во дилема дали тоа ќе бидат повторно политички науки или можеби економија. Истовреме работам волонтерски во регионалниот веб портал Патоказ, но и за интернациолната редакција на младинскиот портал Млади Инфо. Но, покрај теоретските знаења, сакам да се стекнам со практични знаења, затоа следниот предизвик е  наоѓање работа којашто ќе ме исполнува.

13

Какви спомени носите од Гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп?

За мене Гимназијата „Мирче Ацев“ беше училиште каде добив одлични знаења, се уште се сеќавам на предавањата по македонски јазик каде професорката Ленка Јованоска, толку убаво ни ги опишуваше и пренесуваше поентите на литературните дела „Странецот“ на Ками, „Злосторство и казна“ на Достоевски, „Пеколот“ на Данте Алигиери… горда бев кога на моите колеги им кажував дека вакви светски дела се анализираа во мојата гимназија. Ги сакав сите предмети и им благодарам на професорите за нивната посветеност и за стекнатите знаења.

Кажете ми некој интересен настан кој ви останал во сеќавање од гимназиските денови!

Имаше многу интересни случки додека бев гимназијалка. Ние бевме голем, а и сложен клас. Се сеќавам кога ги донесоа компјутерите и кога почнаа да ги заклучуваат вратите, беше зима, нас ни студеше да седиме по ходниците, па затоа бевме многу инвентивни и мудри. Најдовме начин како да влегуваме во училницата откако професорите ќе си заминат и ќе заклучат. Остануваше секогаш еден волонтер – соученик или соученичка внатре во училницата, па потоа ни отвораше на сите. Кога останатите класови ја совладаа нашата „техника“, професорите веќе почнаа да се сомневаат  во нашиот изговор дека професорот пред нив ја оставил отклучена вратата, па така еднаш на големиот одмор, дојде служителот и не „улови“ околу 15 -тина ученици како седиме во училница. Му пренесе на дежурниот професор, а тој, на директорот. Сите добивиме казна намалено поведение и бевме викнати со родителите на разговор со училишниот социолог. Но, што беше интересно? Тоа што бевме сложни, никој не го издаде никого, напротив сите се боревме да докажиме дека сме во право, дека нам ни студи и затоа седиме во училница, дека не прекршувавме никакво правило. Јас сум горда на нашето единство и на нашата идеја.

Што ќе им порачате на сегашните гимназијалци?

Уживајте во гимназиските денови и учењето доживувајте го како инвестиција во себе си!

Читајте книги, бидејќи книгите се бесплатен билет за нови патувања и неоткриени светови!

Спортувајте! Бидете амбициозни!

Бидете во тек со актуелните настани во светот!
Користете ги социјалните мрежи во ваша полза и …

Бидете среќни!

Ми беше чест и задоволство да направам интервју со вас. Ви благодарам за времето што го одвоивте за да одговорите на прашањата и ви посакувам успех и високи резултати на секое поле од животот.

Ви благодарам и јас.

Интервјуто го реализира:
Елеонора Михаиловска

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.