Македонија нема некои огромни успеси со кои може да се пофали во областа на тенисот, но ги има сите предиспозиции наскоро, со добро менаџирање и вложување, да заплови кон успесите во овој спорт. Игор Тодороски е тениски тренер од Прилеп, кој од петни жили се труди и вложува себе си, да направи што повеќе во издигнувањето на тенисот кај нас. Неговата примарна цел не е насочена првично кон неговиот личен интерес, тој има визија, има перцепција за нештата да ги направи подобри. За него развивањето и креирањето на здрави млади луѓе, кои ќе се занимаваат со професионален тенис во иднина и ќе не радуваат со успеси, е секојдневна водилка, што го тера напорно да работи и никогаш да не се откажува. Лесно е кога се разговара со ваков човек, човек кој има потполна посветеност и живее за тенисот.
Од кога се занимаваш со тенисот како спорт и кaкви можности дава овој спорт?
Со тенис се занимавам од 1990 година, со самото запишување на Факултето за физичка култура во Скопје, а во исто време се изградија и првите тениски терени и во Прилеп. Пред тоа беше една наивна форма на играње, со помош на мрежи исплетени од вреќи, по некои училишни дворови. Еве за моја среќа сеуште работам во областа што најмногу ја сакам.
Игор ти си тениски тренер. Како се снаоѓаш на тоа поле, каква е заинтересираноста кај младите во нашиот град за тенисот и дали постојат потенцијали, односно таленти кои би се развивале во иднина?
Со оглед на целокупното ниво на кое котира македонскиот спорт, и во тенисот за жал само се снаоѓаме. Бројот на тенисери постојано опаѓа, особено во моментите кога треба да се случи таа трансформација од јуниорски во професионален тенисер. За среќа се гледа нов бран на заинтересирани и исклучително талентирани деца. Всушност Македонија и посебно Прилеп, поседуваат вреден инстинкт и талент кон овој спорт, што нормално со тек на време и напорна работа треба да се канализира во врвен спортски резултат.
Во што се состои предизвикот да се работи како тренер, што е твоја инспирација да го пренесуваш твоето знаење на другите?
Тука како одговор би го навел вториот дел од претходното прашање, односно неисцрпниот талент на нашите деца кој за среќа постои, како и поради потребниот квалитет кој го добиваме, особено тоа излегува на површина во последните 2-3 години. Сето тоа е еден прекрасен мотив да се работи на полето на тениската едукација. Да се пренесува знаење и искуство, мислам дека нема поголема инспирација и предизвик од тоа. Зар може некој тренер да посака нешто подобро од тоа да има на кого да му ги пренесува тајните на тенисот? Затоа доколку сакаме повисоки спортски резултати искрено сите треба да се грижиме за сите овие наши деца, како ние тренерите, така и клубовите, федерациите и целиот систем. Затоа што тие се нашата иднина на која верувам утре сите ќе се радуваме на постигнатите спортски резултати.
Имаш ли своја школа, свој клуб ?
Во моментов работам како независен тренер, токму во областа на трансформација од јуниорски во професионален тенис. За жал тоа одзема многу време во подготовки и настапи по турнири, што носи и многу отсуства и не дозволува посветување на доволно внимание кон генерациите кои идат и по автоматизам ангажман за некој клуб. За среќа имаме одлична комуникација со моите колеги, ние сме како едно семејство, така да заедно ги следиме потребите за следните генерации. Инаку слободно можам да кажам дека во Прилеп моментално околу 150 деца активно се занимаваат со тенис.
Какви се можностите за натпреварување, постојат ли доволно турнири, каде можете да се докажувате и колку често се одржуваат такви натпреварувања?
Да слободно можам да кажам дека има доволен број на турнири. Тука се националните турнири од календарот на Македонската тениска федерација, но и регионалните турнири, на кои децата можат преку игра да го покажат стекнатото знаење. За жал имаме малку професионални турнири, но во блиското опкружување постојат и такви, така да можеме да го компензираме тој недостаток, но тие турнири си носат и поголеми трошоци, кои за жал се целосно на товар на родителите.
Кои се твоите лични достигнувања во тенисот, твоите идни планови, односно за што се подготвуваш моментално и што можеме да очекуваме од тебе за скоро?
Па видете, како тренер работам од февруари 1998 година. Тренерската кариера ја започнав во Националната спортска Академија во Софија, во школата на професорот Ангел Панчев, потоа работев во Тениски клуб “Маркови Кули”, во “СБС” –Софија, ТК “Ас” – Скопје, сум бил камп лидер на најголемиот тениски камп во светот во Турција, сум учевствувал во подготовката на многу талентирани и врвни играчи ( Димитров, Лајовиќ), бев национален тренер на репрезентацијата до 14 години, член на РСТ (германска тениска академија 2010-2013 год.)…. Тука би го навел и успехот на Илија Мартиноски, кој беше втор во Европа до 16 години, според ранг листата на Тennis Europe, kako и успехот на Александра Јосифоска која исто така има играно полуфинале на Мастерс на 8-те најдобри до 16 години во Европа, додека на 18-годишна возраст имаше 466 WTA ранг. И двајцата своите тениски кариери ги продолжија на колеџ во САД. Сепак како најголем личен успех би го споменал фактот што сите тие деца сега се изградени, здрави, едуцирани личности, кои успешно напредуваат во нивните кариери надвор од тенисот, а некои од нив ги продолжија тениските кариери и активно работат како тренери. Инаку моите планови неизбежно се поврзани со тенисот, конкретно во извлекувањето на децата во просторот на професионалниот тенис. Тешко оди во Македонија, посебно во таа област, затоа што сме оставени самите на себе си и тешко е да се бориш против економски посилни средини за инвестирање и менаџирање, но се надеваме дека и кај нас инвеститорите и спонзорите ќе го увидат својот интерес. Жалосно е кога гледаме како нашите таленти прерано се откажуваат од својот развој, точно поради овој фактор.
Какви се можностите за тренинг во Прилеп, имаме ли доволно тениска инфраструктура или е потребно да се направи повеќе на тоа поле?
Искрено можам да кажам дека Прилеп е втор центар во Македонија, каде активно функционираат три клубови, има 9 земјени терени, еден на тврда подлога и еден покриен терен. Исто така активни се 7 тренери, кои покриваат околу 150 деца. Единствен недостаток во овој момент е можеби потребата од уште барем еден покриен терен, за функционално да се одвива тренашкиот процес во зимскиот период.
Што е потребно за да се биде одличен на полето на тенисот, што му е потребно на еден спортист за да успее во овој спорт?
Многу жртва, работа, работа, работа, упорност, верба и нормално финансии.
Дали тоа што тенисот е еден од поскапите спортови, според многумина, е причината што сеуште не сне заблескале како нација во овој спорт, или постојат и други причини?
Па видете, за професионален тенис секако треба многу финансиски средства, меѓутоа, за почетно ниво незнам зошто се претставува како скап спорт. Во зависност од клубовите и од возраста, цената на месечно ниво (8-12 тренинзи) се движи од 600-1500 денари. Треба да се знае и тоа дека клубовите трошат средства на амортизација, топчиња, реквизити, земја, вода, мрежи…. и.т.н. Просечно еден тренинг чини помеѓу 80-120 денари. Најважно, групите на деца се од 3-6, па така се посветува огромно внимание, поединечно на секое дете.
Игор, која подлога е најдобра за играње според тебе?
Сите подлоги си имаат свои специфики, меѓутоа омилена ми е земјената подлога, од причина што во изработката на теренот секогаш мора да се дополнува содржината од сите аспекти, технички, тактички, физички, што го носи денешното ниво на тенис на работ на перфекција.
Кој се твоите омилени тениски асови, имаш ли свои идоли?
Лично секогаш сум за промени, поради тоа што истите провоцираат ракции кај другите. Моментално единствена промена кога би требало да предизвика реакции кај следните генерации и да го крене тенисот на уште повисоко ниво, е Новак Ѓоковиќ, кој се надевам ќе го н админе бројот на освоени Гред Слем титули на Федерер. Женскиот тенис е малку поспецифичен и очекувам промена на генерации, која треба да отвори простор за другите. Искрено стегам палци за Лина Ѓорческа, која верувам за брзо време дополнително ќе не радува со нејзините успеси.
Благодариме за одвоеното време и ти посакуваме да ја оствариш својата визија и да создадеш многу изградени играчи што ќе ги бранат националните бои.
Подготви: Александар Георгиоски