Интервју со девојките од Боксерскиот клуб “АС” од Прилеп: Не сите херои носат наметка (Фото+Видео)

Боксерскиот клуб “AC” од Прилеп е традиција, историја и репер кога се зборува за овој спорт во државата. Во време кога овој спорт стагнира, БК “АС” успева да се носи со предизвиците, постојано и активно да работи на создавање на нови боксери и пронаоѓање на нови таленти.

Изминатата година БК “АС” за прв пат во историјата на овој спорт во Прилеп стигна до второто место во Младинската бокс лига организирана од Боксерската Федерација на Македонија. Tренерскиот тандем составен од ветеранот за бокс во Прилеп Ѓорѓи Чатлески и неговиот син Дарко Чатлески, прават чуда кога се во прашање нивните ученици.

Ако порано пишувавме за успесите на нивните боксери во машка конкуренција, сега со гордост и со посебно задоволство ќе ги промовираме девојките кои се шест на број и упорно пркосат на стереотипите дека ова е машки спорт и создаден само за мажите. Тамара Ковилоска, Благица Илиевска, Исидора Лазоска, Душица Будиноска, Анастасија Здравеска и Невена Стојаноска се девојки со големи срца и огромна храброст.

Нивната решителност да тренираат спорт ги прави посебни и заслужуваат поклон до земја. Тренираат напорно, ги слушаат советите на тренерите и ветуваат дека за многу скоро време ќе постигнуваат високи спортски резултати. Со девојките од БК “AС” разговаравме како е да се биде девојка во овој спорт, што е тоа што ги натерало да се тренираат бокс, дали постои можност девојки да се докажат во боксот….

Тамара Ковилоска

“Не е лесно да се биде девојка во овј спорт, но треба да се вложи доволно труд. Уште од мала возраст бев ипресионирана од овој спорт, но моите родители не ми дозволуваа да го тренирам. Но, со текoт на годините ми дозволија и сега сум особено среќна. На почетокот кога започнав да го тренирам овој спорт имаше потешкотии, но со текот на времето тоа го снема. Кога ќе ги ставам ракавиците се чувствувам ипресионирано. Во овој спорт треба да се има желба, исто така и сила, а другото само по себе ќе си дојде со напорни тренинзи”.

Благица Илиевска

“Како девојче во овој спорт се пронајдувам, на почеток тренинзите ми беа тешки, но сега воопшто не ми претставуваат проблем. Јас боксот го засакав уште од мојата рана возраст, но не бев сигурна во тоа, па сега од кога започнав да тренирам стекнав многу позитивни искуства и сум презадоволна! Не е тешко во рингот да бидеш девојка, кога ќе ги ставам ракавиците се чувствувам одлично и чувствувам дека можам да успеам во овој спорт. Еден наш секојдневен трениг започнува со 30 минути загревање, имаме 10 рунди, од кои половина од нив работиме на вреќа, а другата половина имаме спаринг. Мојата желба е да успеам во овој спорт. Од боксот очекувам многу успеси! Некој ако сака да се запиши да тренира бокс треба да го сака, да има сила и желба и треба да биде физички подготвен, а останатото доаѓа само по себе”.

Душица Будиноска

Да се биде девоjка во овоj спорт е прекрасно, се добива огромна самодоверба, поздрав начин на живот, прекрасен изглед. Од секогаш сакав кардио и исцрпувачки тренинзи, за мене боксот претставуваше огромна страст и чувството да почнам со овоj спорт беше посилно од мене. Досега не сум била во ринг, но сакам. Кога ќе ги ставам ракавиците и кога ке почнам да боксувам се чувствувам многу моќно, полна со самодоверба, преисполнета, и не размислувам ништо. Jас сметам дека постои можност за докажување на девојка во овој спорт, поради што секогаш се водам по едно правило, а тоа е дека не постои нешто невозможно, со максимум труд се постигнуваат огромни резултати. Да се тренира со Дарко и Ѓорѓи е прекрасно, огромни мотиватори, имаше моменти кога сум имала чувство дека не можам да jа дозавршам рундата и тогаш ме измотивирале да дадам максимум од себе и ми докажале дека можам многу повеке. Да не се двоумите, да почнете веднаш! Со боксот ми се смени цел начин на живот во позитивна смисла, поорганизирана сум, имам поцврст став, преродена сум”.

Исидора Лазоска

“Отсекогаш сум била физички активна почнувајќи од ракомет и одбојка и по инсистирањето на моите родители да почнам да тренирам бокс и по мое долго двоумење, пред 5-6 месеци почнав да тренирам, иако знаев дека не е баш “елегантен и женствен” спорт, но многу го засакав овој спорт. Сега се чуствувам посилна и посамоуверена од секогаш. Во почетокот инспирацијата не ми беше толку голема, но после првиот тренинг, со нетрпение го очекувам секој нареден тренинг. Лично гледано од мој аспект јас се гледам силна и просперитетна во овој спорт на чело со мојот искусен тренер Дарко Чатлески. Дарко и Ѓорѓи Чатлески се врвни професионалци кои своето искуство несебично го пренесуваат на сите кои сакаат да научат што повеќе за овој спорт. Желбата, посветеноста и упорноста се пресудни за успех во овој спорт, ако имаш желба поголеми се шансите за успех. Мојата препорака до младите, посебно до девојките е да не се двоумат, да тренираат бокс затоа што овој спорт нависитина многу придонесува за изградба на човековото тело и познавањето на бокс техниките можат да бидат и корисни во некоја непријатна ситуација од секојдневието”.

Анастасија Здравеска

“Боксот е доста тежок и напорен спорт кој бара многу труд и многу тренинзи за успех. Уште од мала имаав голема желба за боксот, најпрвин за оформување на телото, за самоодбрана, поголема физичка активност и се разбира за здрав начин на живот. Боксот е третиран како машки спорт, па затоа е навистина тешко да се биде девојка во рингот, но кога почнуваш да боксуваш насочен си само кон тоа. Постои простор за докажување на девојките, но потребно е упорно да тренираш и да се натпреваруваш. Досега не сум учествувала на натпревари, но се надевам дека тоа ќе го остварам во блиска иднина. Мојата желба како и на сите други е да успеам во овој спорт. Боксот е различен од сите спортови, добиваме контрола над себе, самопочит, а за мене пресудна беше и самоодбраната која ја стекнуваме со овој спорт”.

Невена Стојаноска

“Боксот за мене претставува предизвик за успех и секој нареден тренинг се повеќе ме привлекува и ми станува се поинтересно. За да започнам со боксот ме инспирираше интернетот на кој видов многу добри боксери. Јас сеуште немам борби, но кога ќе ги ставам ракавиците се чувствувам подготвена за секаков предизвик. Сеуште сум почетник, но се надевам дека ќе дојде и тој ден кога ќе стапнам во рингот. Еден наш тренинг започнува со добро загревање, потоа ги исполнуваме задачите што ќе ни ги кажи тренерот на вреќата или во спаринг. Мојата желба е да постигнам добри успеси во боксот и можеби да стасам до професионални борби. Пробајте и ако ви се допадне продолжете и не грижете се што мислат другите за вас”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.