Во Ликовна Галерија од ЦК”Марко Цепенков” Прилеп, синоќа беше отворена извонредната изложба “Оган” од академската уметница Бојана Артиновска.
За импресивните дела на Артиновска, говореше м-р Викторија Димеска, која посочи дека уметницата за новите апстрактни дела инспирацијата ја црпи од огнот.
“Острите назабени форми се извршуваат како бранови и создаваат структури што интуитивно продуцираат преку визуелна интерпретација. Трепетливите арабески ги разбудуваат сетилата на набљудувачот и создаваат разголена реалност, синтеза на разиграни бои и интуитивно слоевито колоритни површини”- рече Димеска.
Посетителите на изложбата имаа ретка и несекојдневна можност да го проследат ликовно уметничкиот и музички перформанс “Ширење на светлината”.
Бојана сликаше, а музички ја следеше музичарот Методија Костоски. Бојана Артиновска има реализирано бројни изложби, работи сценографија, костимографија и е мултимедијален уметник.
Со изложбата “Оган” Центарот за култура “Марко Цепенков” ја започна богатата програма за 2026 год.од визуелните уметности.





























