Младиот мотокросист од Битола, Стефан Ѓорѓиевски, ја заокружи 2025 година со извонреден спортски успех, освојувајќи ја титулата државен шампион на Македонија во мотокрос, во класата MX 85.
Со сигурно, стабилно и зрело возење во текот на целата сезона, Стефан забележа низа победи и пласмани на подиумот, со што уште еднаш го потврди својот талент и потенцијал, вбројувајќи се меѓу најперспективните млади спортисти во државата.
Ѓорѓиевски е ученик во ООУ „Тодор Ангелевски“ во Битола, VIII-2 одделение, и успешно ги усогласува училишните обврски со интензивните тренинзи и натпревари. Неговата дисциплина, посветеност и искрена љубов кон мотокросот се клучните фактори кои го донесоа до шампионската титула и претставуваат уште една причина за спортска гордост на Битола.
Вреди да се истакне дека, и покрај значајните успеси, Стефан досега настапува без спонзорска поддршка, вложувајќи сопствени средства во својата спортска кариера. Тој се надева дека во иднина ќе добие соодветна поддршка, која ќе му овозможи континуиран напредок, учество на меѓународни натпревари и нови успеси надвор од границите на државата.
























