Илиеска: Антикризните мерки на Владата се козметички и површни, земјата ни тоне во корупција, а сивата економија е поголема од 33% од БДП

Корупцијата е сериозен проблем за Македонија. „Ја задушува економијата и сериозно го контаминира воздухот кој го дишат фирмите“, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент Анастасија Илиеска, поранешен директор на Управата за јавни приходи, екс-Државен секретар во МВР и поранешен советник за безбедност на Претседателот на државата. Таа во интервју за порталот magazinturizam.mk , анализира дека сивата економија во Македонија е поголема од 33% од БДП, што би било дополнителни 795 милиони евра приливи годишно од даночни приходи во буџетот. Само за споредба, просекот во земјите на Европската Унија е 19,4% од БДП. Илиеска во интервјуто зборува и за инфлацијата и за владините мерки, кои ги оценува како козметички, површни и периодични, и кои не создаваат сигурност и иднина.

На прашањето колку успева Владата да ја сузбие корупцијата, а со оглед на тоа дека многу меѓународни институции и амбасадори, во секој извештај и секоја изјава, како главен проблем ја нотираат корупцијата, Илиеска вели:

-За жал, граѓаните многу порано ја чувствуваат оваа епидемија, многу порано пред таа да е констатирана од страна на меѓународниот фактор и меѓународните организации, кои реагираат на создадените последици. Основна причина за присутната системска индиферентност и несовесното раководење е корупцијата. Изминатите години од Владата не видовме сериозна заложба во борбата против корупција, па поради тоа таа е на највисоко ниво од осамостојувањето на државава. Корупцијата е длабоко навлезена во порите на државните системи од највисоко до најниско место и длабоко ги има разорено скоро сите институции. Таа ситуација е евидентирана и констатирана, и поради тоа индексот за перцепција на корупција секоја година по 2017 година расте.

Според „Транспаренси интернешнал“, веќе три години по ред сме рангирани над 100. место според индексот на перцепција на корупцијата, а борбата со корупцијата во изминатава година стагнира.

Според фондацијaта „Херитич“, која рангирањето на државите го прави според степенот на борба со корупција, владеењето со правото, интегритетот на институциите и останати показатели, по 2017 година, кога сме биле на 21. место, актуелната влада нивото постојано го зголемува, па во 2020 година сме на 31. место, а оваа година стигнавме до 56. место.

Во Извештајот од Светска банка објавен оваа година, дијагностицирана е сериозна состојбата во државава, каде што е нотирано слабо владеење и лоша контрола на корупцијата, кои продолжуваат да го поткопуваат развојот на Македонија. Дополнително, политизацијата на јавниот сектор, покрај честите промени на министерското раководство, промените во политиките и вкоренетите интереси, го забавуваат спроведувањето на реформите. Сериозноста на извештаите и состојбата која е констатирана во нив е повеќе од алармантна кога е потребно недвосмислено да се почне борбата против корупцијата.

Претходново се потврдува со тоа што Владата ја реализирала стратегијата за сузбивање на корупцијата незначителни 20%, а реализацијата во последната година е само симболични 10%.

Во ситуацијата во која што се наоѓаме, институциите се тие што ги прикриваат корупцијата и криминалот, наместо да ги спречуваат и да ги сузбиваат, што впрочем е нивна надлежност и функција. Корупцијата е институционализирана до степен што најголемите индиции за коруптивни случаи потекнуваат од највисоките раководни структури во институциите назначени од Владата.

За да се искорени корупцијата, особено високата корупција, преку која милиони се одлеваат надвор на приватни сметки, потребно е да постои сигурност и предвидливост дека правдата ќе ги стигне корумпираните.

Независни проактивни истраги, ефикасност на обвинителството, судството кое има клучна улога во борбата против корупцијата, делување на сите надлежни институции во борба против корупцијата на сите нивоа неопходно е потребно.

Целото интервју прочитајте го ТУКА




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.