Попладнево се одиграа четирите натпревари од 20.коло во ВМФЛ во двете конкуренции. Овие мечеви требаше да се одиграат уште минатата недела, но поради лоши временски услови, истите беа одложени.
Во Втората лига – Исток, Тиквеш со 1:0 успеа да слави во Прилеп, на стадионот на Могила. Стрелец на победничкиот гол беше Вареловски уште во 5-та минута.
Ова беше десетти пораз на Победа, која се наоѓа на осмото место на табелата, на пет бода повеќе од зоната за испаѓање.
Сезонава Победа има само три победи и уште седум нерешени резултати.
Следното коло црвено-белите гостуваат кај лидерот на табелата Брегалница, која без пораз сигурно чекори кон пласман во најелитното фудбалско друштво.
Инаку, според последните гласини кои кружат низ прилепската чаршија, Победа деновиве била “освежена” со нови кадри. Засега од клубот на официјалната Фејсбук страна нема никакво соопштение за што точно се работи.