Полициски службеници од СВР Битола денеска (13.09.) во централното градско подрачје во Битола спроведоа превентивна активност со цел превенирање на измами од страна на лица кои најчесто како жртви бираат повозрасни граѓани.
Имено, на граѓаните им беше укажано да бидат особено внимателни во комуникација со непознати, кои најчесто користат измислени приказни, со цел изнудување на парични средства од нив. Сторителите, најчесто телефонски, ветувајќи им огревни дрва, откуп на железо, известувајќи ги за лажни сообраќајни несреќи, нудејќи купопродажба на возила или станови, барајќи организирање на настани и сл., ги доведуваат во заблуда оштетените со цел да остварат парична или друга корист.
СВР Битола апелира до сите граѓани да бидат исклучително претпазливи во комуникација со непознати лица, да не наседнуваат на измами, да ги проверуваат фактите и податоците кои им ги кажуваат на телефон, да не даваат пари на измамниците, на нивни посредници и сл., како и да не се даваат пари на непроверени клиенти и соработници само врз основа на телефонска комуникација и секако сите сомнителни случаи да ги пријават во полиција.