НУЦК ,,Марко Цепенков,, Прилеп
Во петок 25 септември 2015 година во целиот слободен простор на ЦК,,Марко Цепенков,, во Прилеп ќе биде поставена изложбата ,,Ретроспектива,, од уметниците Виолета Блажеска и Богдан Грабулоски. Едновечерната ретроспектива на двајцата уметници, брачен пар, ќе започне во 19, а ќе заврши во 24 часот.
Се работи за мултимедијален проект преку кој ќе бидат презентирани инсталации (скулптури), фотографии, а придружно ќе има и видео записи.
Со изложбата ,,Ретроспектива,, ќе бидат одбележани 40 години творештво на Блажеска и Грабулоски.
Носител на проектот е НУ Музеј за современа уметност во соработка со ЦК,,Марко Цепенков,,. Автор на проектот, кој е поддржан од Министерството за култура е Марика Бочварова Плавевска, а соработници се Софија Грабулоска, Ива Димовски и Благоја Варошанец.
Податоци за авторите
Виолета Блажеска е родена во Охрид 1952 година. Академија за ликовни уметnости завршила во Приштина во 1980 година. Работела како професор во гимназијата во Прилеп.
Богдан Грабулоски роден е во Прилеп 1948 година. Академија за ликовни уметности завршил во Приштина во 1980 година, а постдипломски студии на Акадеmијата за ликовни уметности во Белград во 1990 година. Работеше долги години како кустос во ЦК,,Марко Цепенков,, во Прилеп.
Текст за изложбата од Марика Бочварова Плавевска
Од првите контакти остварени за време на студиите се насетува блискиот сензибилитет што понатаму ќе ги здружи во креативна смисла и во брачен живот. Грабулоски се обиде еден период да создава класични скулпторски решенија изработени во мермер, но исчекорот набрзо беше направен и се случи спојувањето на идејните решенија во кои акцентот беше ставен во комбинирањето на мермерот со други материја (стакло, дрво, метални мрежи, весници и.т.н) често како read made. Така нивниот концепт на директно интервенирање во природен, урбан, фабрички или галериски простор ги содржи веќе апсолвираните искуства на т.н. нова уметничка пракса, доминантна во претходните седма и осма деценија на бившите ју – сцени, но без идеолошко – политичка позадина. Едноставно се концентрираа на ликовното во неоколасичното негово доживување, каде што се истакнува неговото значење во сфаќање на процесот на дематеријализација на уметничкиот објект. Моментот на дематеријализација, поточно илузионистички замислените скулптурални елементи, проследено често со обработен звук ја дефинираше идејата за прифаќање на нивните повеќеслојни осмислени дела, поради можностите што максимално ги искористија во нивните зафати во различните амбиенти. Сместувајќи ги во широкиот спектар на постмодернистичките појави најлесно е да се споредат со раните и подоцнежните постконцептуалистички дискурси врзани за нашата уметничка сцена со што се поедностави начинот на класифицирање на идејни решенија, валоризирани како сегменти на актуелните случувања кај нас, па и наградени.
Првобитно беа забележани на релевантни изложби и интервенциите во Прилеп. Следуваше нивното вклучување во комплексот на проектни презентации – 1993 во Истанбул, во 1994 на Кутија на слики во Скопје, потоа низ Македонија со Ликовниот експеримент (кој траеше година ипол 1995/96), малку подоцна на 91/2 Нова македонска уметност -1995/96, партиципираа на Биеналето во Сао Паоло и Биеналето во Санкт Петербург, 1996. 2001 година ја одбележаа со мошне возбудливиот Крикот на глувонемиот (видео во чија креација учествуваше и ќерката Софија). Тука некаде се заокружува нивната интензивна продукција на креативен план, иако заморот не е нивна карактеристика, бидејќи континуирано се концентриранина експерименти врзани за нивниот ликовно имагинарен свет. За крај да споменеме дека на прилапчани им го подарија меморијално обликуваната инсталација (во Касарната ,,Мирче Ацев,, ) во која се обединети сеќавањата на борците од НОБ, и на оние кои загинаа на Карпалак.