,,Емоции,,е изложбата на слики од Билјана Бинчев, што ќе биде отворена во четврток 17.3.2016 во 19 часот во ликовниот салон на ЦК,,Марко Цепенков,, во Прилеп. Ова е нов циклус на слики со кои уметницата Билјана Бинчев за првпат се претставува пред љубителите на ликовната уметност во родниот Прилеп.
Преку делата Бинчев ја изразува нејзината емотивна состојба.
– Го пренесов на платното она што длабоко и интимно го чувствував во себе. И самите посетители ќе забележат дека жената е мојата преокупација во сите нејзини состојби. Се надевам она што го понудив ќе им се допадне на моите сограѓани – вели Бинчев.
Бинчев има завршено Педагошки факултет во Битола, а подоцна и ФЛУ во Скопје во класата на професорот Јован Шумковска. Дипломирала 2014 година, при што е добитник на наградата за постигнат највисок просек и одлични резултати во студирањето.
Имала самостојни изложби во Кавадарци и Неготино, а учествувала на повеќе групни изложби, на ликовни колонии и член е на ДЛУП и ДЛУМ.