Во четврток 3 ноември 2016 г. во 18.00 часот во галеријата од ЦК,,Марко Цепенков,, ќе биде отворена изложбата на слики ,,Космички пејзажи 2,, од Дејан Иванов Маргуш. Уметникот ќе се претстави со 13 дела.
Податоци за Дејан Иванов
Дејан Иванов –роден 03.12.1979 година во Скопје
Дипломира на Факултет за ликовни уметности 2005година во класата на Јован Шумковски и Рубенс Корубин.Работи исто витражи и мозаици.Член на ДЛУМ од 2005год.
САМОСТОЈНИ ИЗЛОЖБИ
- Младински културен центар. Скопје – 2006год.
- Дом на култура Антон Панов. Струмица – 2006год.
- Салон Петрико. Белград – 2007год.
- Дом на култура Марко Цепенков. Прилеп – 2008год.
- Музеј Куманово.- 2009год.
- Кафе Галерија 8. Скопје -2012год.
- Кафе Галерија 8. Скопје -2014год.
- Национална галерија на Македонија –обијект Мала Станица -2014год
9.Национална галерија Тетово –Амам 2016год.
ГРУПНИ ПРЕТСТАВУВАЊА
2005год. Дипломирани студенти во Чифте Амам.
2006год.Зимски Салон ДЛУМ. Музеј на современа уметност Скопје.
2007год. Музеј на град Скопје. Скопско лето.
2007год. Њујорк од колекцијата на Тихо Кондев.
2008год. 107 уметници во Париз на ДЛУМ.
2008год. Остров Раб Хрвтска
2016год. Плзењ-Прага.
2016год. Фокушима-мегународена патувачка изложба.
Учесник на сите изложби на ДЛУМ од 2005година се до денеска.
НАГРАДИ
Награда –Димитар Пандилов 2012год.За Мал Формат од ДЛУМ.
КОЛОНИИ
Учесник на повеке колонии во земјава и странство.
Дејан Иванов – Маргуш како ликовен уметник не е фигуративен исто како и неговиот ликовен свет. Тој е апстрактен и неговата експресија е речиси целосно одраз на спонтан несвесен ониризам на битието. Овој наш сликар повеќе сака да насетува отколку да дефинира. На свој начин ониризмот како специфичен слој е присутен и кај последните дела. Тој е инстинктивно импулсивен и колористички афективен. Овој импулсивен имагинациски ритам на експресионистичка апстракција овде е скротен и доведен до еден кристализиран, речиси трансцендентен спокој. Сликите се целосно потопени во флуидот на една благо нагласена метафизичка атмосфера. Асоцијативниот свет на овие дела е постојан, духовно прочистен и ликовно рафиниран. Интересен лиризам што сугерира тишина и нурнатост во чувството помеѓу мигот и вечноста. Раководејќи се од композициските аспекти на авторот, може слободно да кажеме дека основна тема се просторот и пејзажот. Нагласената концептуалност сугерира статичност во еден просторно-временски исечок, но статичноста на ликовниот свет на делата на нашиот сликар е само привидна. Таа е суптилно ритмизирана од фината игра на светлото и на сенките, кои сугерираат не само статичен физички, туку и жив онтолошки простор, кој е мобилен одвнатре. Токму тоа е значајното бидејќи така сликите на Дејан Иванов – Маргуш не се експеримент на гол конструктивизам, туку добиваат една семантична длабочина што ги симболизира тивката радост и спокојот на битието што го интегрира просторот- времето во себе. Морам да нагласам дека овде не станува збор за произволна опсервација. Ако повнимателно се загледаме, ќе забележиме дека мотивот на сликите на Иванов е композициски така поставен што сугерира некаков засолнат простор во кој едвај трепери како стивнат одблесок играта на светлото во миг издвоен од брзиот временски тек на минливоста. Намерно или случајно, во херметизмот на сликите на Дејан Иванов – Маргуш го препознаваме императивот што Маларме го поставуваше на поезијата, а кој важи за секој вид херметичка уметност, односно да се сугерира место да се именува. Токму сликите на Иванов ја следат интуитивно поетиката на тој императив.
Сликите се изработени со техничка и занаетска рафинираност. Неговите пејзажи претставуваат сосема индивидуални светови. Земјата. водата, воздухот, светлоста, во пејзажите, стануваат елементарно доживување. Овозможуваат набљудувачот да открива нови хоризонти на различни начини и претставуаат постојано нова авантура. Овие дела покажуваат колку се сензитивни и егзактни во исто време приодот кон природата, нејзината драматика и моќта за фасцинација. Љупчо Маленков |