Во петок 17.07.2020 во 19.30 часот во ликовната галерија на ЦК„Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на слики „Визии од детството“ од уметникот Горан Боев.
Изложбата ќе биде отворена со запазување на сите препораки и заштини мерки од корона вирусот.
Боев ќе се претстави со над 25 слики на кои се појавуваат различни фигури – мачка, куче, прозорец, цвеќе, дете…
-Тоа е портрет на едно минато време, портрет на моето детство. Што се однесува до техниката и ракописот, не се заложувам секоја слика да ми помине низ ист сликарски третман. Некогаш сликам со наслаги од боја, некогаш лазурно. Некогаш цртежот е изразен и експресивен, некогаш суптилен и геометриски. Некогаш е комбинација на се‘ во се‘. Не се грижам премногу за стилот но тоа не значи дека оставам се‘ на случајноста – вели авторот…Една деценија се обидувам во сликарството да допрам до она што е суштинско, искрено, чисто, благопријатно и неосквернето. Таа моја потрага ме наведе да се навратам во детските денови и да пробам повторно да размислувам како дете. За жал, како созреваме, негативните искуства и примери на кои наидуваме, наместо да се поучиме од нив и ги отфрлиме како такви, ние ги прифаќаме со раширени раце и од нив правиме своевиден образец, упатство за понатаму. Со тоа предизвикуваме, како во секојдневниот живот, така и во уметноста, изместување на правилната перцепција за вистинските вредности, вистинската убавина на нештата. Но, тоа не е случај со детските очи, детскиот поглед на светот. Затоа во моето творештво посегнувам по мотиви од детството и се трудам да гледам како дете. Детето гледа многу појасно од возрасните, неговиот поглед не е заматен од секојдневни грижи и непреболена суета – објаснува Боев.
За авторот
Горан Боев е роден на 01. 11. 1982 година во Кавадарци. Факултет за ликовна уметност (ФЛУ) и магистерски студии завршува во Скопје. Извесно време работи во високо и средно образование а моментално е наставник по ликовно образование во основно училиште. Се занимава и со црковен живопис и иконографија. До сега има реализирано над десеттина изложби во земјата и учествувано на многу групни изложби во земјата и странство.