Во петок 16 декември 2016 во 19.00 часот во ликовната галерија од ЦК,,Марко Цепенков,, ќе биде отворена изложбата ,, Состојби,, од Славица Јанешлиева – Бачварска.
За изложбата
Текст од Маја Чанкуловска-Михајловска
Во сликата постојано продираат знаковни системи на ист начин како што човекот до длабочините на својата личност е артикулиран во различни јазици.
Р. Барт, Реторика на Сликата
На рамниште на визуелната презентација, најновата изложба на Славица Јанешлиева „Состојби“ следи како продолжение на нејзините претходни реализации со инсталации/објекти кои егзистираат паралелно со нејзините остварувања во доменот на графичкиот медиум. Артикулацијата на нејзиниот уметнички израз со пошироко и сеопфатно преиспитување на актуелните состојби и општествени аномалии, како и со генерално девалвираното секојдневно живеење, во случајов е презентирана во шест одвоени амбиентални сегменти, изведени со за неа препознатлив директен и специфичен ракопис, кој инсистира на продлабочени релации слика-значење.
Со презентираните објекти, кои се доживуваат како сериозно осмислени визуелни конструкции, следејќи ја Бартовата семиотичка синтагма „the image is representation“, авторката генерира системи на значења со универзален, а не само со локален контекст. Исчитувањето на условената нарација на делата од дадената поставка не е условено од хронолошки редослед; основна е сликата за состојбите што го креираат секојдневното (не)функционирање на општеството, пренесена од авторката преку објектите-означувачи со репрезентациска моќ, кои се во корелација со различни контроверзни појави од човековото опкружување.
Логично се присутни јасно диференцирани авторски стојалишта, од кои во дадениот случај би ги издвоиле/потенцирале: ставовите кон горливи теми произлезени од контекстот на општите приказни наспроти интимните психолошки дијалози; чувството за поврзаност и условеност на нештата во поширок контекст; дијалектичкиот односот на делот и целината, афтореференцијалноста, личните и општи приказни, меморијата и сегашноста, реалноста и метафорите – сето тоа прецизно сецирано и моделирано во сопствените спротивставености со помош на нарацијата како структура што ги поврзува. „Материјализирани“ елементи со симболично значење што ги среќаваме во континуитет во ова творештво се огледалата, текстот, везот, перниците, шахот, лажиците, додека текстуалната нарација ја провоцира публиката на размислување и иницирање дијалог. Техничката изведба е резултат на долготраен процес во кој се вткаени мануелна изведба, енергија, емоции и различни расположенија. Користејќи предмети што имаат секојдневна употреба, Јанешлиева со нагласени интервенции им го менува значењето, со што тие стануваат знаковни носители на повеќе асоцијативни пораки кои рефлектираат кризи од различен вид и се можност за поврзување на сопственото и туѓото доживување.
Делата се концепциски структурирани на ниво на повеќе внимателно селектирани симболични елементи со мноштво генерирани интеррелациски значења. Во „Имигрант или емигрант или можеби јас“, низ долготрајниот и мачен процес на изработка (најсилна аналогија може да се воспостави со претходното дело „Крик“), рачно се сошиени 2700 патенти и се аплицирани 11 килограми бонбони од фабриката за слатки „Европа“, коментарот еманира од мачното патешествие за подобар живот во кој се измешани чувствата и трауматичните искушенија. Во „Пренаселеност“ среќаваме еден од омилените предмети на авторката – шахот како стратегиска и тактичка игра (каква што е и светската политика), која бара соодветно ниво на перцепција и е чиста визуелизација на значаен глобален проблем. Огледалата повторно се присутни во „Трите страни на приказната“ и сугерираат огледување, преиспитување, рефлектирање на „вистината“ и на последиците од перцепциите, однесувањата и размислувањата. „Високо образование“ е директна симболична визуелизација за еден локален, но и глобален проблем на неселективност во високообразовните институции, додека „Споменик за крајот на 20-от и почетокот на 21-от век“ претставува метафора за искажување незадоволство и претстава за луѓето што бегаат и се во потрага за подобар живот (според авторката шаторот е најчесто среќаваниот објект во изминативе години и е симбол на дадениот период). „Лов од заседа“ поттикнува повеќеслојна анализа на наметнатите стереотипи на женскоста во присутните квазитрадиционални патријархални норми.
Споменатата контроверзност како термин претставува означител на нешто што е спорно, дискутабилно, но на универзално ниво го губи основното значење токму поради агресивната леснотија со која се наметнати состојбите за кои говори авторката и нивната ноншалантна прифатеност како нормални секојдневни појави, најконформистички игнорирани. Изложбата „Состојби“ е материјализирана ангажирана критика на секое поле на современиот живот – падот на моралните вредности, економската експлоатација што генерира војни, уништувања и раселеност, наметнатите патријархални кодови, континуираната и продлабочена криза на образованието, социјалните/егзистенцијалните проблеми, културно пропаѓање со сите придружни морални дилеми и агонија на постоењето. Генерална карактеристика на овој, како и на претходните проекти, е постојаното потврдување на позицијата на Славица Јанешлиева во современата македонска уметничка продукција, произлезена од карактеристичниот луциден третман на критичките модели на стварноста.
Биографија
Славица ЈАНЕШЛИЕВА – БАЧВАРСКА
1973, родена во Скопје.
1996, дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика, во класата на проф. Зоран Јакимовски.
1998, магистрирала на истиот факултет, под менторство на проф. Димитар Малиданов.
Од 2000 – 2006 работи како самостоен ликовен уметник.
Од 2006 работи како доцент на Студиска програма по графика, на Факултетот за ликовни уметности, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Во 2011 избрана е во звањето вонреден професор, а во 2016 во звањето редовен професор.
Од 2008-2010 продекан на ФЛУ.
Селектирани самостојни изложби (од вкупно 25): 2016 – Состојби, Мала Станица, НГМ, Скопје; 2012 – Впечатоци, Мала Станица, НГМ, Скопје; 2011 – Сенки, Галерија МЦ, Њујорк; 2009 – Филантропски пориви 1 & 2, Музеј на град Скопје, Скопје; 2007 – Калемење, Мала станица, НГМ, Скопје; 2006 – Културен центар „Babel“, Утрехт, Холандија; 2005 – Приказни, Галерија МЦ, Њујорк; 2004 – Наративи и симболи, Чифте амам, НГМ, Скопје; 2002 – Крик, Музеј на современа уметност, Скопје; 2001 – Сеќавање на еден идеалист, Галерија „степен“, Скопје; Раскажување приказни и видео перформансот Сите мои велосипеди, Галерија „Open”, Братислава, Словачка; 2000 – Раскажување приказни, Капела на Kunstlerhaus Boswil, Швајцарија; 1999 – Небомантија, CIX Галерија, Скопје; 1998 – Писма, Отворено графичко студио, МГС, Скопје
Групни изложби: Учествувала во над 200 национални и меѓународни групни изложби меѓу кои: 2016 – Меѓународно биенале на графика РОС 2016, Национален музеј, Тајван; 2015 – Есенција на егзистенција, Галерија „Лауба“, Загреб; 18-то Меѓународно графичко биенале, Градска галерија „Борис Георгиев“ , Варна, Бугарија; 2014 – 2-ро Меѓународно триенале на графика – УЛУС, Уметнички павиљон „Цвјета Зузориќ“, Белград; 15-то триенале на мали графички форми, Градска галерија, Лоџ, Полска; Солидарноста – недовршен проект, Постојана поставка, МСУ, Скопје; 2013 – XI Меѓународно графичко биенале на сува игла, Градска галерија Ужице, Србија; Будење – 46-ти Зимски салон, Музеј и Уметничка галерија „Јосип-Бепо Бенковиќ“,Херцег Нови, Црна Гора; 2012 – Интерурбан, Галерија Кара, Анкара, Турција; 2011 – Фрагменти (Македонска ликовна сцена 1991-2011), МСУ, Скопје; 2010 – 15-то Меѓународно биенале на минијатура на хартија, Музеј на минијатури, Белгија; 2009 – 6-то Меѓународно триенале на графика, Градски завод и музеј, Битола; 2007 – Фестивал на современа уметност, Варна, Бугарија; 2006 – Уметникот во разговор, Кампанагел, Хамбург, Германија; Глобална фузија-одблизу, Палата Порша, Виена; Туѓо тело, Уметнички центар Кројцберг/Бетаниен, Берлин; 2005 – Интернационално триенале на минијатура, Универзитет Тама Арт, Токио, Јапан; 2004 – Космополис 1 микрокосмос – макрокосмос, Музеј на современа уметност, Солун, Грција; 4-то Интернационално графичко биенале, Национална галерија, Софија, Бугарија; Инернационално графичко триенале во Фалун – Графики од Балканот 2004, Музеј Даларнас, Фалун, Шведска; 2003 – Второ Меѓународно биенале на минијатурна графика, Галерија Арабати Баба, Тетово; 7-мо Интернационално биенале на цртеж и графика – Мајстори на графиката, Музеј на уметностите, Гиор, Унгарија; 6-то Светско триенале на графики мал формат, Шамалје, Франција; Дијалози-македонската уметност денес, Министерство на култура, Рим и Унеско, Париз; 2002 – Bound/less Boarders, прв вон галериски проект на Балканот (турнеја 2002/2003), Белград; Врски, Креативна графика, 10-то Интернационално графичко триенале, Музеј на градот Јуваскула, Финска; 2001 – Лаф муабет, Музеј на современа уметност, Скопје; Совршен избор, изложба на јавни уметнички проекти, Градски трговски центар, Скопје; 2000 – Комуникација. Искуство на интеракцијата., Бизнис центар на Алмати, Казахстан; 1-рв Cheju Меѓународен Арт фестивал на графика, Sogwipo Kidang галерија, Сеул, Кореа; Artist(s) in Residence (учество во проектот на Лучезар Бојаџиев), L’autre moitie de l’Europe, 2 дел: Social reality, Existence, Politics, Jeu de Paume, Париз; 1999 – MATRIX, Trieste Contemporanea, Трст, Италија; 12-та Германска меѓународна изложба на графика, Сала на градот, Фрехен, Германија и други.
Награди: 2016 – Финалист, Меѓународна биенална изложба на графика, Таичунг, Тајван; 2015 – Награда „Константин Мазев“, Мал формат, КИЦ, Скопје, Награда за графика „Димче Николов“, Годишна изложба на ДЛУМ, Скопје; 2007 – Откупна награда „Телма”, 37-ма графичка изложбан на ДЛУМ, Скопје; 2004 – Откупна награда од НУБ, 35-та графичка изложба на ДЛУМ, Скопје; 2003 – Награда Атанас Мучев, за најуспешен автор-дело на Избор 2002; АИКА, Струмица; Награда Денес, Центар за современи уметности и Фондација за граѓанско општество – Њујорк, Скопје; 2001 – Прва награда, 1-во Интернационално триенале на мала графика, Тетово; Grand Prix, 5-то Биенале на младите уметници, МСУ, Скопје; 2000 – Откупна и специјална награда за дело на млад македонски уметник, 3-то Интернационално графичко триенале, Битола; Скопје, Откупна награда од фондацијата Ратко Несторовски – Кинес, Ревијална изложба на ДЛУМ, МГС, Скопје; 1998 – Награда од НУБ, 28 графичка изложба на ДЛУМ, Скопје; 1997 – II награда, СИАБ’ 97, Скопје
Откупени дела за колекции: Музеј на современата уметност, Скопје; Национална галерија на Македонија, Скопје; Музеј на градот Јуваскула, Финска; Светска Банка, Вашингтон, САД; НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје
Резиденции: 2003 – Њујорк, САД, International House – Columbia University Campus и Фондација Цивилно општество Њујорк; 2000 – Париз, Франција, Jeu de Paume, проект на Лучезар Бојаџиев (Pro Helvetia и APEX грантови); Босвил, Швајцарија, Artists’ House Fondation (стипендија од Pro Helvetia)