Изложбата на дела “Мал формат” вечерва пред прилепчани во ЦК “Марко Цепенков”

Денеска 24 јули 2018, во 20.00 часот, во ликовната галерија од ЦК„Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложба на дела „Мал формат“. На изложбата ќе бидат претставени 45 дела – слики и скулптури, од исто толку уметници – членови на ДЛУМ.

“Малиот формат како творечки предизвик претставува честа дневна практика на сликарите и скулпторите во ситната пластика. Магијата на „малиот квадрат“ во површина 25х25, сеуште претставува искушение и за најголемите мајстори на четката и бојата.
Гледајќи низ историјата, Пикасо, Дали, Матис, Лотрек, Ван Гог, Гоген, сликари од сите школи и правци го чувствувале внатрешниот порив да го совладаат малиот квадрат, и на концизен, лапидарен, понекогаш метафоричен и езоповски начин да го транспонираат собитието и мотивот од големото платно во помалата мерка.
Кај нас, малиот формат или поточно „Македонско ликовно творештво во мал формат“ се ползува веќе од децениски опит, етаблиран во скелетот на културните и особено ликовните случувања на градот, во неговата годишна културна периодика и претставува светол момент во колективната меморија на скопската и македонската публика.”велат од ДЛУМ.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.