Изложбата ,,Древниот сон,, од уметникот Тони Чатлески, пред љубителите на уметноста во Скопје

toni pokana

Во среда 1 јуни 2016 во 20 часот во Национална галерија – Мала Станица во Скопје ќе биде отворена изложбата на слики ,,Древниот сон,, од уметникот Тони Чатлески, директор на ЦК,,Марко Цепенков,, Прилеп, кој ќе се претстави со 90 дела.

За Древниот сон на Тони Чатлески – Чатле-

 текст од Горанчо Ѓорѓиевски         

 Творештвото на Тони Чатлески во изминатите неколку децении се карактеризира со различни приоди и форми изразени преку сетилната сензација и интелектуалниот ангажман. Од нив се формира испрекината линија со јасно оцртани тематски и стилски целини (фовистички, експпресионистички, апстрактни, апстрактно асоцијативни итн) создавани во различни временски периоди. Оваа специфичност се должи на уметниковата природа и темперамент, на мотиви кои имаат личен карактер како и строга детерминираност од одделни случувања во животот. Во најновиот циклус на слики насловен Древниот сон, Чатлески ги бара одговорите за смислата на животот, каде е евидентно прочистувањето на визуелната палета и философијата за сопственото постоење и живот е пренесено низ призмата на надреалноста на сонот. Древниот сон ги материјализира и презентира сите интимни состојби и ситуации кои уметникот го провоцираат на креативен чин и се интегрираат во сложувалката на секојдневието, оставајќи мета ризница на минатото – во иднината. Уметникот преу реалностa на сонот свесно или несвесно креира свои микро светови со што учествува во она што го нарекуваме создавање на реалноста на живеењето.

Делата се видливи преку два елементи – макро и микро гледање на сликата. Макро погледот претставуваат обоените плохи каде сликата е видлива како апстрактна композиција, но со доближувањето на погледот се отвора еден волшебен микро свет со стилизирана фигурација (човек, битија од минатото и иднината, животни од земниот и подводниот свет…) која во симлификацијата на приказот е доведена до знак или симбол. Ова знаковност или симбол е еден вид на прошетка низ времето во постојаната потрага по смислата и суштината на животот. Чатлески воедно ја опфаќа суштината на традиционалните симболи за да формира единствени естетски креации.. Тој смело ја нанесува бојата на сликарското платно и овде бојата е заробена енергија со торжествено зрачење, за потоа врз насликаните плохи да исцртува, гребе или гравира со што ги пренесува сликите од сонот. Во неговите опсесии во ликовните творби инкорпорирани се елементи од стварноста преобразени во симболички знаци кои прикажуваат фрагменти од сонот, сеќавањето, интимноста, личниот простор, запрениот миг на времето, еден вид на осмислен емотивен просторен облик како спој на философијата и духовноста. Делата налик на сонот се секвенци каде се пренесени духовните расположби на авторот.

Сликарство на Тони Чатлески припаѓа на уметноста која со транспозицијата на сонот во слика преку визуелизација на митилошките приказни, архетипските тотеми, надреалните сознанија на човековиот дух открива еден магичен свет што егзистира според принципот на поврзување на неспоивото во контекст на просторно-временската димензија и на метафизичкиот израз во кој, како што вели Платон, сите нешта се сенка на вечната идеја, кои само сé во беспредметната и безвремената сфера. Наклонет кон нарацијата, алузијата, па и анегдотите, тој на чуден начин во обликувањето на еден мистериозен, магиски и ирационален универзум ги оживеал непреодните вредности на богатото цивилизациско наследство.

Менувајќи го духовниот хоризонт сликте на Чатлески претставуваат отворена книга – митолошки речник, библиски кодекс, средновековна парабола, егзистенционалистичка идеологија на денешната цивилизација, размислувања за тајните на човековиот живот, земјата и се што живее на неа кои можеме да ги согледаме во еден здив, со целосна и сеопфатна визура. Тоа се композиции реализирани со редукција на релно видливото и се исклучително декоративно богати – со фигуративно-орнаментален репертоар што почива на принципите на horror vacui (страв од празен простор), кој го опфаќа централниот мотив – човековото постоење. Во овие дела, пред се, до израз доаѓаат авторовите високи естетски вредности, мунициозност и исклучителна цртачка вештина. Во читањето на неговите дела, пред нас се отвораат енигматични простори чие дефинирање има бројни толкувања и интерпретации, зависно од сознанијата и од искуствените парадигми на набљудувачот.

Сликите на Чатлески ги пренесуваат неговите сопствени кодифицирани пораки што тргнуваат од наследството на универзалните цивилизациски културно-историски супстрати. Она што во овие дела е очигледно е тоа дека се плодови на нашето време, пофантастични и од уметничката фантазија.

Процесот на трагање по сопствениот идентитет и постоење со што големите приказни ја изгубија својата веродостојност во однос на рационалистичкото и научното објаснување на животот и историјата, го довеле Чатлески до спознанието дека со создавањето на нов живот придонел кон вечниот човеков живот воопшто. Тој преку своите дела говори за животот, но и за радоста на живеењето. Остануваат уште многу дилеми да се одгатнат, ако воопшто може да се одгатнаа, а како што и самиот автор ќе каже : и чуму да ги одгатнам. Непознатото е мистично, а мистичното е секогаш поинтересно.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.