ЗНАМ размислува за самостојни советнички листи и соработка со ВМРО – ДПМНЕ за кандидати за градоначалници

Движењето ЗНАМ формира преговарачки тим за соработка со политичките партии и во рамките на владиното партнерство веќе ги почнуваме разговорите со нашиот владин партнер ВМРО – ДПМНЕ, соопшти портпаролот на движењето, Никола Мемов на денешната прес-конференција.

Во делот за настапот на локалните избори, рече дека партиското раководство размислува за самостоен настап на ниво на советнички листи, а во делот на соработка за избор на кандидати за градоначалници во општините, размислуваат за соработка и заемна поддршка со ВМРО – ДПМНЕ.

Тој сепак нагласи дека кандидатите на ЗНАМ ќе бидат самостојни кандидати, поддржани од ВМРО – ДПМНЕ и нивната коалиција. Досега, како што кажа, разговарале исклучиво со коалицијата на ВМРО – ДПМНЕ.

На новинарско прашање, дали е можна поддршка и коалиција со некоја друга партија, тој одговори дека, конечниот заклучок и соработка за евентуална таква поддршка на локалните избори, ќе било одлучено од органите и телата на партијата.

Запрашан дали актуелниот министер за здравство Арбен Таравари треба да биде надвор од владиниот кабинет, по превирањата во „Вреди“, рече дека ставот на ЗНАМ е многу јасен, дека тоа е внатрешно прашање на коалицијата „Вреди“, а останувањето на партијата на Таравари зависело од ставот на премиерот.

Мемов, исто така, се осврна и на заклучоците донесени на последната седница на централниот одбор на „ЗНАМ“ – „За наша Македонија“.

– Почнувајќи од утре, во рамки на кампањата „Заедно повеќе знаеме“, во следните 60 дена партиското раководство, сите избрани и именувани функционери од движењето ЗНАМ, ќе ги посетат сите општини во Република Македонија и ќе одржат средби со сите членови, симпатизери, но, исто така и граѓани, со цел директно да се запознаат со проблемите на граѓаните, но и да се слушнат нивните предлози, сугестии и мислења, што ќе послужат за креирање на програмата за претстојните локални избори. Како и секогаш, движењето ЗНАМ, своите политики ги гради на транспарентен начин, демократски и во соработка со граѓаните, рече Мемов.

Во програмата на движењето за локалните избори, главниот фокус ќе бил на решенија за подобар локален живот – урбанистички планови, инфраструктурни проекти и транспарентно управување со општинските буџети.

На средбите, заедно со граѓаните ќе била извршена соодветна анализа, по што ќе следувала и идентификација на квалитетни кадри – кандидати за градоначалници и кандидати за советници, кои можат да направат вистинска разлика на локално ниво.

Во таа насока, формирани биле четири каравани што, како што беше кажано, ќе ги предводат претседателот Максим Димитриевски, генералниот секретар Горан Минчев и двајцата потпретседатели – Весна Бендевска и Павле Арсовски.

Мевов додаде дека донеле одлука за одржување на втор изборен конгрес на движењето, каде ќе бидат избрани претседател на партијата, како и централниот и надзорниот одбор. Конгресот ќе биде оддржан во втората половина на месец јуни.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.