Здравите насмевки почнуваат од детството: Прекрасен хепенинг со многу забава и дружење во Прилеп (Фото/Видео)

Во Домот на културата Марко Цепенков во Прилеп се одржа едукативен и разигран хепенинг посветен на оралното здравје, под мотото „ЧЕТКАЈ-БЛЕСКАЈ“, а во организација на ЈЗУ „Општа болница со проширена дејност“ – Прилеп.

Настанот, кој беше дел од одбележувањето на Светски ден на оралното здравје, обедини голем број ученици од основните училишта, дечињата од градинките „Наша иднина“, како и учесници од приватните едукативни центри. Со заедничка енергија и ентузијазам, тие испратија силна порака за важноста на редовната грижа за забите и оралната хигиена.

Посебен белег на настанот даде богатата и креативна програма, во која настапија учениците од Германски јазичен центар ERFOLG, како и ученици од основните училишта и други организации, кои преку музика, игра и едукативни содржини го збогатија настанот.

Во својот поздравен говор, д-р Јулијана Стевананџија истакна дека оралното здравје не е само прашање на естетика, туку суштински дел од целокупното здравје и благосостојба на човекот. Таа нагласи дека грижата за оралната хигиена кај децата претставува инвестиција во нивната иднина, овозможувајќи им здрав развој, самодоверба и поквалитетен живот.

„Здравата насмевка не е само одраз на убавината, туку и огледало на грижата што им ја посветуваме на најмладите“, порача таа, изразувајќи голема благодарност до сите кои придонесоа за реализација на настанот.

Хепенингот имаше волонтерско-донаторски карактер и беше реализиран со поддршка од превентивните стоматолошки тимови, наставниците, директорите, родителите и општина Прилеп, како и бројни општествено одговорни компании и организации. Посебна благодарност беше упатена и до Институт за јавно здравје на Република Македонија, со чија поддршка за првпат беше промовиран нов едукативен флаер за орално здравје.

Со позитивна енергија, насмевки и силна едукативна порака, настанот „ЧЕТКАЈ-БЛЕСКАЈ“ уште еднаш потврди дека грижата за здравјето започнува од најмала возраст – со четка, навика и знаење. Организаторите изразија надеж дека оваа иницијатива ќе прерасне во традиција, која секоја година ќе ги обединува најмладите во името на здравата насмевка.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.