Здравески: “Директорот на социјално да набави ново возило од свој џеб, за Јовноски следува кpивична одговорност” (Видео)

На година и пол до завршувањето на мандатот на градоначалникот Илија Јованоски, целата јавност е сведок дека ова ќе биде само една политичка екскурзија на СДСМ во Прилеп, која за жал ќе не чини премногу. Освен Јованоски, во ист кош со него се и директорите и функционерите на СДСМ во државните институции кои од институциите направија невиден срам и циркус, истакна на денешната прес конференција Виктор Здравески, советник во Советот на општина Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Прес конференцијата во продолжение ја пренесуваме во целост:

“Денеска ќе се задржиме на две теми за кои деновиве граѓаните бараат одговори.

Прво: Пред неколку дена Јованоки соопшти дека во Сточен пазар немало потреба од училиште и дека имало доволен училишен простор во ООУ “Рампо Левката”. Граѓаните треба да знаат дека градоначалникот не планира да го реализира своето предизборно ветување за ново училиште во оваа населба и дека не му е грижа што децата и понатаму секојдневно ќе патуваат по неколку километри до училиште.

Но, Јованоски треба да знае дека за уништената и испокрадена училишна зграда во оваа населба, ќе одговара за тоа дека не го заштитил овој општествен имот, односно за него ќе следува кривична пријава за негрижата да се заштити инвестиција вредна 10 милиони денари.

Второ: Директорот на Центарот за социјална работа Прилеп, Дејан Тошески, и после 2 недели молчи за уништеното службено возило, кое еден од неговите нововработени партиски кадри го управувал без возачка дозвола.

Го повикуваме веднаш да излезе со одговор, а надлежните да ја утврдат одговорноста за Тошески и неговиот послушник.

Ако толку му е важен возачот кој управувал без возачка дозвола, Тошески нека биде солидарен и нека набави ново возило од својот џеб.

Кон крајот на оваа прес конференција и неколку прашања до Јованоски и власта на СДСМ:

Дали е вистина дека службено возило на општина Прилеп го управува лице кое не е вработено во општината?

Дали возилото се управува со истечена сообраќајна дозвола, како што кажуваат нашите информации?

Доколку е ова вистина, дали и градоначалникот ќе молчи како директорот од социјално, кога недај боже наредно би се случила сообраќајна несреќа со фатални последици, а причината ќе биде тоа што со службените возила управува кој ќе стигне.

Почитувани,

Ова е само дел од пустошот кој зад себе го остава СДСМ во последните денови од нивното владеење. Во наредниот период ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да информира за сите незаконитости и сомнежи за сторен криминал на челниците на власта, а верувајте листата е долга.

Бидете сигурни, одговорност ќе има!”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.