Незаборавна вечер исполнета со возбудливи борби и одлична забава – Simfonija Boxing Night беше повеќе од спортски настан кој предизвика лавина од интерес и возбуда во градот под Марковите Кули.
“Виновници” за врвната организација на вакво несекојдневно спортско уживање во Прилеп беа семејството Чатлески, “Про Бокс Македонија” и ресторанот за свечености “Симфонија”, кои на вљубениците во боксот и спортот им подарија сеќавања кои ќе траат долго, долго време.
Во преполната “Симфонија”, публиката уживаше во 6 возбудливи борби, од кои една за меѓународна титула, а домаќините од Македонија беа доминантни над своите противници гости од Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.
Во првата борба во рингот се соочија Неро Герлек – Македонија и Бошко Мишиќ – Хрватска. Борбата во четири рунди во CRUISERWEIGHT категорија му припадна на македонскиот претставник.
Михаил Волканоски од “Тим Чатлески” во втората борба ракавиците ги вкрсти со босанскиот боксер Недим Селимовиќ и триумфираше во SUPERFEATHERWEIGHT категорија.
Следуваше борбата за УБО КОНТИНЕНТАЛНА титула, каде во борба од 10 рунди во MIDLEWEIGHT се соочија Лос Бобош од Романија и Ѓорѓе Крсмановиќ од Босна и Херцеговина. После 10 рунди и судиска одлука 2:1, победник беше Крсмановиќ.
Македонскиот гладијатор Тоше Цветков се соочи со Јасмин Хашиќ од Босна и Херцеговина и триумфираше во HEAVYWEIGHT категорија.
Атмосферата буквално еруптирараше кога во рингот влегоа прилепските боксери. Ице Трајкоски боксуваше против Дејан Бубиќ од Србија во четири рунди во CRUISERWEIGHT категорија, a Матеј Чатлески ракавиците ги вкрсти со Срѓан Жариќ од Србија во борба од 4 рунди во LIGHT HEAVYWEIGHT категорија.
И двајцата боксери од Прилеп забележаа победи, што предизвика огромна бука во салата. За младиот Матеј Чатлески, кој е син на поранешниот македонски шампион, Дарко Чатлески, ова беше втора професионална борба и истовремено втора победа. Неговата борба во рингот предизвика дополнителни емоции, особено кај повозрасните гледачи, кои се присетија на шампионските денови на неговиот татко, кој е синоним кога боксот во Прилеп е во прашање.
Веруваме дека профи боксот се враќа во Прилеп и дека овој настан ќе биде само еден нов почеток и секако ќе предизвика интерес како кај надлежните власти, така и кај бизнис секторот да се инвестира во овој спорт, затоа што Прилеп и прилепските боксери заслужуваат и можат да ги освојат и светските рингови.