Во Истанбул денес почна изградбата на црквата за асирската православна заедница, првата христијанска црква која се гради во современа Турција. Се смета дека современата турска држава е формирана во 1923 година.
Асирската заедница побара од турската влада нова црква во истанбулскиот кварт Јесилкој пред десет години.
Владата даде зелено светло во 2015 година, јави агенцијата Анадолија.
„Ја гледам оваа нова црква како богатство за Истанбул. Честитики за ова“, кажа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на свеченоста по повод почетокот на изградбата.
Тој кажа дека црквата би требало да биде завршена во рок од две години, а наменета е за заедница од 17.000 православни Асирци во тој град.
Се верува дека уште 8.000 живеат на истокот и југоистокот на Турција.
„Ова е историски ден“, изјави митрополитот на асирската православна црква за Истанбул и Анкара Јусуф Четин.
Асирците се следбеници на древниот источен христијански обред.
Муслиманите сочинуваат над 99 отсто од населението на Турција, која е строго секуларна по уставот. Но, христијанските малцинства во Турција досега можеа само да реновираат цркви, а не и да градат нови.
„Нема и не смее да има дискриминација во нашите умови“, кажа денес Ердоган. „Сите кои ја сакаат Турција и ѝ се лојални се граѓани од прв ред во нашите очи“.