“За нашите граѓани” синоќа докажа дека е нешто ново и алтернативно решение за Прилеп

Тргнавме од Куманово, а еве сега прилепчани следат. Следната фаза ќе биде да се формираат такви граѓански здруженија на ниво на цела држава каде што има интерес за формирање и дополнително на следнит парламентарни избори да излеземе со едно граѓанско политичко движење, да понудиме реално остварливи политики на граѓаните за кои што конечниот збор ќе го имаат граѓаните – рече синоќа во Прилеп на промоцијата на здружението “За нашите граѓани”, градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, кој е основач на граѓанското здружение “За наше Куманово”.

“Она што за нас е најважно е дека ова се иницијативи од граѓаните за граѓаните, ние не припаѓаме на политичките субјекти, туку сме чисто граѓански здруженија кои што ќе имаат основна функција да работат за интересот на граѓаните и општините, каде што истите ќе бидат формирани, а во подоцнежната фаза кога ќе дојде моментот за учество на избори, дали се работи за предвремени, или редовни, ќе земеме свое учество и веруваме дека граѓаните ќе го препознаат тоа што сакаме да го понудиме. Откако ќе бидат регистрирани сите граѓански здруженија самите членови на самите здруженија ќе дадат предлози, или иницијативи, за формирање на една таква граѓанска иницијатива. На државно ниво и од тука ќе излезат и предлозите за името за ова здружение, или ова политичко граѓанско движење, кое што сметам дека на следните избори ќе издвојува убедлива победа”, истакна Димитриевски.

“Ова здружение е отворено за сите наши граѓани, ова  е здружение од граѓаните за граѓаните, ова апсолутно не е здружение кое што има намера некого да осипува, или да биде нечиј привезок, ова здружение ќе функционира само за себе и очекуваме дека ќе има важна улога во идните општествено политички случувања во нашата држава. Сметам дека политичките партии во овој момент се заробени, киднапирани од поединци или интересни групи, кои заради сопствените лични интереси и цели, неретко и лукративни, ги држат и се кријат зад името на партиите, ги остваруваат своите цели, притоа ништо не нудат на македонското општество и на македонската политичка сцена. Затоа мислам дека граѓанскиот концепт е иднината на општественото и политичкото делување во Македонија”, истакна Емил Јанески, кој е претседател на новоформираното политичко здружение во Прилеп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.