За многу години Митровден: Честит именден Диме, Димитар, Митре, Димитрина…

Денеска е Св. великомаченик Димитриј – Митровден.

Именден празнуваат Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра..

Свети Димитриј се роди во Солун, во третиот век. Беше син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го постави Димитриј на истото место и посебно му препорача да ги гони христијаните.

Меѓутоа, Димитриј не само што не ги гонеше, туку и јавно ја исповедаше и проповедаше верата во воскреснатиот Христос. Штом слушна за тоа, цезарот, враќајќи се од еден поход, сврати во Солун, за да ја испита работата.

Го повика Димитриј, кој не ја одрекуваше својата вера и дури и го убедуваше цезарот во бесмисленоста на идолопоклонството.

Максимијан се разгневи и го фрли Димитриј во затвор, а по неколку дена и го погуби. Некои христијани го земаа неговото тело и чесно го погребаа. На тоа место подоцна беше подигната црквичка, а после и голема црква, која до ден денес се наоѓа во Солун.

За овој ден постои верување. Во очи на празникот Митровден, значи вечерва, секој треба да биде во својата куќа, бидејќи ако не биде дома, тој цела година ќе преноќува по туѓи куќи.

Постоело и верување дека ноќта пред Митровден мора да бидат завршени сите големи работи, посебно на поле и останати обврски кои се извршуваат надвор. Се сметало дека времето по Митровден е лажливо, односно дека зимата може во секој момент да изненади, па затоа се зацврстило мислењето дека лоша среќа е ако нешто се одложи да се заврши по големиот празник.

Затоа за Митровден исто така се верува дека претскажува каква ќе биде зимата. Ако денот е сончев, наводно зимата ќе биде блага, со исклучително малку студени денови. Ако на Митровден падне снег, се верува дека снегот ќе се задржи до април.

Во некои делови постоеле и верувања дека на Митровден не треба да се прекоруваат децата, колку и да згрешиле или биле безобразни, бидејќи наводно цела година ќе бидат непослушни.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.