По неколкумесечните преговори, успешно заврши преземањето на ФК Победа од новите сопственици, а денеска се одржа и Собранието на кое се овековечија најавуваните промени.
Клубот доби нов Управен одбор од 8 члена, а Претседател ќе биде Јана Мицковска – Попоски, што значи дека по пауза од 6 години кога на чело на клубот беше сопственичката на “Комфи Ангел”, Ирена Јакимовска, повторно жена ќе ги предводи црвено-белите.
Во новиот Управен одбор ќе бидат и: Небојша Стојковиќ, Владимир Мирчески, Сашко Попоски, д-р Весна Неделковска, Димитар Трајков, Горан Зечевиќ и Александар Крстески.
Новата Претседателка на клубот е сестра на сопственикот Александар Мицковски, нашинец кој веќе долго време живее и работи во Соединетите Американски Држави.
Мицковски сега има 51% од акциите во клубот и ветува враќање на клубот на победничките патеки.
Фудбалската јавност во Прилеп и вљубениците во црвено-белите бои цврство веруваат дека Победа ќе доживее вистинска ренесанса и со добро менаџирање ќе се врати таму каде што припаѓа, на врвот во македонскиот фудбал.