НУЦК,,Марко Цепенков,, Прилеп
Во четврток 24 септември 2015 од 20.00 часот во ЦК ,,Марко Цепенков,, Младинското драмско студио – Театар чин 4 – сцена 5, премиерно ќе ја прикаже претставата ,,Огнен,,.
,,Огнен,, од Горјан Милошевски, во режија на Марио Стојаноски е новата претстава на Младинското драмско студио – Театар чин 4 – сцена 5, при ЦК ,,Марко Цепенков,, што премиерно ќе биде прикажана во големата сала, со што се започнува новата театарска младинска сезона.
Се работи за современа експлозивна претстава во која играат Давид Папазоски, Борче Василески, Сара Спиркоска, Надица Дојкоска, Виктор Мирчески.
– Текстот е брз, експлозивен, енергичен, каков што е и младиот човек, нели? Го избрав пред се заради моменталната состојба во која се наоѓа младиот човек и не само тој, туку човекот воопшто. Текстот проектира една силна натуралистичка слика на општеството како такво, пред се на македонското. Младиот човек се наоѓа во една транзициска транзиција, еден голем егзистенцијален прашалник, кој, настрана од материјалните работи, стои исправен пред духовните. Станува збор за лажни односи, родителски грешки, користољубивост, но од друга страна и чисти чувства и емоции, кои човекот се стреми да ги минимизира, ако веќе не може да ги уништи. Младиот човек пробува да заборави на своите проблеми наместо да ги реши, гледа да ги избегне колку што може. Дали ќе успее да ги заборави или ќе го демнат и во понатамошниот раст во зрела личност, останува да се види во претставата – вели режисерот Марио Стојаноски.
Сценографијата е на Марин Димески и Давид Јованоски, костимите на Марија Попоска, додека изборот на музиката го направи режисерот.