Започнува да се решава еден од најгорливите проблеми на крушевчани (ФОТО)

Градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, денеска изврши увид на терен заедно со директорот на ЈП „Комуна“, Благојче Јанески, по повод отпочнувањето на активностите за санирање на дивата депонија во општината.

Како што информираа од Општината, станува збор за важен чекор кон решавање на долгогодишен и сериозен проблем кој директно влијаеше врз квалитетот на живот на граѓаните. Со започнувањето на теренските активности, локалната самоуправа испраќа јасна порака дека грижата за животната средина не останува само на декларативно ниво, туку се реализира преку конкретни мерки и проекти.

Санирањето на дивата депонија ќе овозможи побезбедно и контролирано одлагање на отпадот, ќе го минимизира ризикот од неконтролирано палење и ќе придонесе за намалување на загадувањето на воздухот и почвата. Со тоа директно се штити здравјето на граѓаните и се создава почиста и побезбедна околина за идните генерации.

Градоначалникот Чонески потенцира дека Општината останува цврсто посветена на системско решавање на комуналните предизвици и на унапредување на јавната хигиена, со цел обезбедување одржлив развој и подобри услови за живот во Крушево.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.