Денеска се отпочна со реконструкцијата на градскиот стадион “Гоце Делчев” во Прилеп. Активно се работи на промена на тревникот и на создавање на потребните услови за одигрување на квалитетни натпревари на повратникот во Прва лига, екипата на Победа.
Претходно на крајот од октомври месец 2015 година, градоначалникот Марјан Ристески и директорот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски, потпишаа договор за донација за реконструкција на градскиот стадион „Гоце Делчев“. Според тој договор стадионот ќе има капацитет од 18.000 места, а ќе биде направен според сите критериуми на УЕФА за играње дури и на меѓународни натпревари. Планирано е и хортикултурно уредување околу стадионот и изградба на паркинг простор. Исто така планирано е овој фудбалски терен да добие и соодветни трибини, соблекувални како и осветлување, за да може на него да се играат и ноќни натпревари. Покрај градскиот стадион „Гоце Делчев“, ќе се градат и други фудбалски терени во градот. Со овие инвестиции Прилеп станува општина со најдобра спортска инфраструктура во Македонија која во иднина ветува дека повторно тука ќе се раѓаат ново спортски таленти.