Во населбата Врбеско маало во Прилеп започна изградбата на музичкиот парк, инвестиција која ќе чини 1,2 милиони денари, а парите се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа. Овој парк се гради по барање на жителите од оваа населба. Целиот овој простор планирано е да биде уреден во знакот на музиката.
„Тука се ќе биде во стилот на музиката, од партерното уредување па се до урбаната опрема и елементите кои ќе асоцираат на музика. Исто така ќе има и еден мал подиум за одржување на концерти во текот на пролетниот и летниот период. Ова е еден многуте паркови кои се уредуваат на територија на општина Прилеп, а со оваа инвестиција ова место ќе стане поубаво и поатрактивно за сите, па може да се каже дека ќе биде и своевидна туристичка атракција“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Паркот ќе се простира на површина од 980 м2, од кои 400 м2 ќе бидат под бекатон плочки, а останатиот дел ќе биде зелена површина.
„Еден од најстарите паркови во Прилеп го преуредуваме, му даваме нов живот, и се ќе биде тука во стилот на музиката. Сите елементи од урбаната опрема, патеките, подиумот и малата сцена ќе асоцираат на музиката и се ќе биде знакот на музиката. Патеката ќе биде во форма на клавијатури, оградата ќе биде изведена во стилот на музиката, со нотни лини, со музички клучеви, ноти и слично. А дел од нашите скулптори, скулптурите кои ќе ги изработуваат на тема музика ќе ги изложуваат во овој парк“, истакна Бранко Нешкоски, раководител на ЈП за ПУП Прилеп.
Од локалната самоуправа најавија дека идната пролет ќе се започне и со реконструкција на паркот кој се наоѓа веднаш спроти Музичкиот парк, од другата страна на улицата „Александар Македонски“. Тој ќе бил уреден како детски забавен парк.