Собранието на Република Македонија вчера со 69 гласови „за“ и еден воздржан повторно го изгласа Законот за ратификација на Договорот со Грција за спорот за името, откако на 20 јуни истиот беше усвоен, но претседателот на државата го врати без да го потпише.
Освен Ферид Мухиќ кој беше воздржан при гласањето, сите други пратеници од владеачкото мнозинство го поддржаа преименувањето на државата.
Меѓу нив и претседателката на политичката партија ДОМ, Лилјана Поповска, ќерка на академикот Блаже Ристовски.
Жално е тоа што токму ќерката на најпознатиот македонски книжевен историчар, филолог, фолклорист и историчар, како и потпретседател на првата македонска Влада, поддржа промена на државното име и не се одважи од договорот кој многумина го сметаат за штетен и капитулантски.
„За мене, промената на Уставот е неприфатливо барање кое задира во сувереното право на граѓаните да одлучуваат за своето внатрешно уредување и именување. Немам изворни информации, освен од грчките медиуми. Но не им верувам, зашто македонските преговарачи повеќе пати јасно кажаа дека барањето за промена на Уставот е неприфатливо и дека погрешно се употребува терминот ‘ерга омнес’. Тој во меѓународното право важи за меѓународен промет. А за тоа всушност и се водат преговорите. Не може само за Македонија ‘ексклузивно’ да се толкува терминот ерга омнес, спротивно на меѓународното право“, изајви Поповска во една прилика во мај месец оваа година.