Политичката партија Левица, денеска (понеделник, 21 мај 2018 година), со почеток во 11:00 часот ќе одржи прес-конференција пред седиштето на Основното јавно обвинителство – Скопје, на која ќе ги објасни причините за поднесување на кривичната пријава против претседателот на Владата на РМ – г. Зоран Заев за сторено кривично дело против државата, по чл. 308 од Кривичниот законик на РМ [„Загрозување на независноста“] – објавија од партијата Левица на социјалните мрежи.
“Сметаме дека со прифаќањето на недостоинствениот предлог „Република Илинденска Македонија“ за севкупна употреба (надворешна и внатрешна), таксативно се исполнети сите законски елементи на посоченото тешко политичко кривично дело кое се гони по службена должност и за кое законот предвидува најмала казна од пет години затвор, па затоа претставници на нашиот правен тим ќе поднесат соодветна пријава до надлежното јавно обвинителство за понатамошно процесуирање.
Детали од наводите во пријавата ќе бидат изнесени на прес-конференцијата”, додаваат од Левица.