Премиерот Зоран Заев е убеден дека струјата нема да поскапи, а за да се ублажи растот на цената на електричната енергија условена од целосната либерализација на пазарот, од 1 јули, како што соопшти, ДДВ-то за струја ќе се намали од 18 на пет проценти – ГЛАСИ ВЕСТА КОЈА ЈА ПРЕНЕСОА РЕЧИСИ СИТЕ МЕДИУМИ НА 16 ЈУНИ ГОДИНАВА.
-Со оглед дека во крајната цена огромно е учеството на производствената цена и на преносниот систем, убеден сум дека нема да има поскапување на струјата. Владата испрати јасна порака за поддршка на ЕСМ во делот на цената за поддршка на граѓаните преку намалување на ДДВ. Тоа апсолутно ја става ЕСМ во позиција да формулира цена која нема да предизвика поскапување на струјата заради производствена цена на ЕСМ. Но, секако, Регулаторната комисија е таа што носи конечни одлуки, а тие зависат од дргутие чинители кои учествуваат во составувањето на продажната цена на струјата. Можам да потврдам дека заради ЕСМ и МЕПСО нема да има покачување на цената на струјата. Верувам, барем според нашите експерти – истакна Зоран Заев тогаш.
Цената на електричната енергија за домаќинствата ќе се зголеми за 9,48 проценти, а од 1 јануари се укинува и дневната евтина тарифа, соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски.
Како што рече Бислимовски на прес-конференција, ова е една од најтешките одлуки што ги донела РКЕ од своето постоење.
– Реалното зголемување ќе беше многу поголемо, но успеавме да скратиме многу трошоци, а Владата презема обврска да им помогне на државните компании во наредниот период, истакна Бислимовски.
Според него, евтината тарифа во текот на ноќта и во недела остануваат и никогаш не биле доведени во прашање.