Екипата на Росоман влегува во пролетниот дел од Трета лига – Југ со промени на клупата. Нов стратег на тимот е 28-годишниот Желимир Трикиќ, кој го презема кормилото од Никола Глигоров.
Трикиќ е добро познато име за фановите, со оглед на тоа што долго време го носеше дресот на Росоман, а своето искуство го градеше и во екипите на Тиквеш и Брера Струмица.
Тимот веќе ги започнува подготовките за вториот дел од сезоната. Моментално Росоман се наоѓа на третата позиција со 24 бодови, седум помалку од лидерите Борец и Превалец.
Пролетната полусезона ја отвораат со тешко гостување во Велес кај директниот ривал Борец, натпревар кој може да биде пресуден за амбициите на клубот за врвот на табелата.

























