После второлигашки фудбал, Прилеп ќе гледа и второлигашки ракомет
На неутрален терен денеска во Неготино, кадетската селекција на РК Прилеп (со оглед дека во функција остана само таа), се сретна со екипата на Работнички, а исходот од овој натпревар значеше статус во највисокиот ранг на натпреварување – Супер лигата.
Со неколку интернационалци во својот тим, како и доскорешниот член на РК Прилеп, Пеце Ѓорѓиески, Работнички стигна до висока победа од 38:30 (18:10 на полувремето) и успеа да се избори за пласман во најелитното ракометно друштво во државата.
Младите момчиња на РК Прилеп имаат најмалку вина за ваквиот резултат и тие веќе го направија невозможното, се бореа против далеку повозрасни од нив со ризик да доживеат некоја посериозна повреда.
Вината пред се’ е кај актуелните локални власти кои ветуваа европски фудбал и ракомет во Прилеп, а на крајот создадоа два второлигаши.
Жално, но вистинито, Прилеп од расадник на спортот и спортските таленти, се претвора во изолирана средина сместена на маргините од спортска Македонија.
И конечно “го вратија” епитетот “најспортски град” во државата….