Жална Македониja: Дeceтици пpипадници на cпeциjaлната единица “Tигap” пpepacпopeдени да чиcтат xaнгapи

Десетина припадници на специјалната единица „Тигар“ обвинуваат дека се деградирани од страна на раководството на Министерството за внатрешни работи. Во последните две недели, со усна команда, тие биле распределени во други сектори, а за шестмина се веќе изготвени и писмените решенија.

Иако повеќемина од нив учествувале во голем број специјални задачи со безбедносни ризици, а Министерството дури и вложувало во нив како кадар и ги праќало на обуки во странство, веќе нема да се дел од единицата. Па така, од активна теренска работа, како на пример во настаните од „Диво насеље“, сега очекуваат во хангарите на МВР да ги мијат и одржуваат службените возила.

Други пак стравуваат од можните нови работни задачи – да ги чуваат и негуваат полициските кучиња што откриваат дрога, а неофицијално има и такви што допрва ќе учат како да сликаат за лични карти и пасоши.

Без да сакаат да им се открие идентитетот, бившите „тигри”, кои над десет години се дел од специјалната единица, споделија дека се револтирани, бидејќи неколкумина се поставени да дежураат пред дипломатско-конзуларните претставништва во земјава, а во полициските кругови се смета дека „седењето во куќарките“ е казна или последна работна задача пред заминување во пензија.

Револт постои и во Независниот синдикат на полицијата, каде што претседателот на синдикатот, Цветан Станковски, изјави дека веќе ангажирал адвокатски тим, бидејќи, како што вели, нема основа за распределбите, затоа што против ниеден припадник не е покрената дисциплинска постапка.

-Веќе поднесовме жалби, бидејќи нашите колеги се деградирани, ама не знаеме каква завршница ќе има, бидејќи системот е спор и не функционира. Согласно колективниот договор не смее да се прераспределуваат припадниците од специјалните единици. Има и пример каде еден припадник е прераспределен во Центарот за обука и веќе не смее да користи огнено оружје, а поради безбедноста, како лична, така и на семејството, треба да поседува пиштол, затоа што учествувал во ризични акции, вели Станковски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.