Евгенија Здравевска , позната под псевдонимот Зарина Првасевда, по вчерашното искачување на врвот Магаро – највисокиот врв на Галичица, на својот Фејсбук профил напиша дека за искачувањето до оваа највисока точка на планината се плаќа “данок” од 200 денари.
Едно Магаро – 200че.
Жал ми е што овојпат оваа идилична слика од врв планина и природа ќе нема идилична приказна како вообичаено. Еве, да видите до кое дереџе сме дојдени…Наместо регуларна планинарска тура – школски пример за легална кражба.
Вчера наутро на местото кај што вообичаено се поаѓа кон највисоката точка на Галичица, врвот Магаро 2255 н.м.в, наместо со радост , екипно тргнавме со неколку стотки полесни и со многу чемер со себе.
Млад дечко, вработен за плата и слушање наредби, излезе од кола спремен со фискален апарат и покрај нашите негодувања, кажа :
“Извинете, знам, неможам ништо да сторам, јас сум само вработен. “…и со кренати раменици и свесен и усрамен дека прави компромис со своите морални и етички вредности, ни наплати по 200 денари од човек за искачување на врвот Магаро. Не услови дека ако немаме да платиме не смееме кон врвот.
Дали сфаќате која навреда и фашизам е ова? Ееееејјј како не ви е срам!? Како бе господа не се срамите бе? Од кого земате? Од планинари најдовте да гребите? Новчаници не носиме со себе во планина, до сега одевме таму зошто само таму не ни наплаќаа сега и тоа некој паметен го смислил. Уште па кога прашав за што се овие пари – биле за користење ресурси и за движење во Национален парк. И плус, само од Ноември до Април важи баждаров. Ами на зима ко ќе се качуваме, не користиме ресурси и не одиме пешки…летаме до горе?!
Ми наплаќате за користење на ресурси – ( искачување на врв ) од богатството на мојата татковина? Мое е тоа, наше е, кој ви дава право да си присвојувате и па уште да наплаќате за тоа заедничкото кое ни е од Бога дадено? Ми ги наплаќате чекорите?
Ајде да е некоја симболична сума, ќе замижевме ама ни повеќе ни помалку половина просечна дневница на еден вработен во државата? А ние невработените? А тој што денес немаше од ранецот да извади? Нема спорт за нив, дома ќе си седат. И оваа појава и лош пример е само на Галичица, зошто до сега никаде, никој во и надвор од државава не ни наплатил за искачување на врв, дури ни таму каде се плаќаат дневници на рејнџери кои вистински се грижат за парковите и дејствијата внатре – што кај нас е квантна физика.
Ејдиии деее… Денес наплативте на тие што со себе на грб ја носат тежината и бремето на ВАШЕТО расфрлено ѓубре и пластика и на горе и надолу, долж и попреку Националниот парк и не само на патеката која чини 200 денари туку насекаде, на некој кој е спремен да изоди километри пеш со повреди и во болки за да ја испочитува и срдечно да и се израдува и да и се поклони на убавината што пред себе ја гледа, на некого кој живее за тоа. Нам не ни е проблем да тргнеме по друга патека кај што ќе нема баждар и ќе ја најдеме, научени сме , 1км плус/минус, вие дали знаете друг пат освен овој, мизерниов?
Нека ви стои ова на ѕидот на срамот, како одличен белег, да си го памтите резилов.
Следно, за воздухот да ни наплатите, зошто од ова нема што друго понатака. Само недишење.
* Споделете, вие кои го делите со мене мислењето. Останатите уште да молчите, до следни 500ки на друга планина”.
Подоцна таа додаде:
Едит!!!
П.С. Бидејќи читам коментари рандом да не враќам поединечно…ова се дополнителни пари од оние на рампа 50 за возило и 30 од човек, кои се плаќаат регуларно со години, за влез и движење во Национален парк, со кои сме сложни и согласни за да дадеме придонес кон паркот за одржување, чистење и сл.