По долгогодишна иницијатива на спортистите, спортските клубови и општина Прилеп, за враќање во функција на Универзлната сала – или спортскиот храм на прилепчани, летоска конечно некој висок функционер го посети Прилеп и даде цврсто ветување дека работите ќе тргнат од мртва точка и дека прилепчани наскоро ќе се вратат на трибините и ќе ги бодрат своите спортски миленици.
Тогаш во посета на Прилеп беше министерот на новоформираното Министерство за спорт, Борко Ристовски, кој вети враќање во функција на овој спортски објект до есен, но во Универзална се’ уште нема активности.
Универзалната сала не е во функција повеќе години, а веќе видливо е дека времето остава траги врз овој некогаш грандиозен спортски објект.
Ристовски со себе тогаш донесе стручни лица и архитекти, кои беа зачудени зошто за толку банална причина, салата зјае празна и не функционира.
Покрај во Универзална, министерот во јули месец беше и во посета на спортската сала “Македонија”, уште една спортска величина која буди спомени кај прилепчани. За овој спортски објект министерот рече дека допрва ќе се прави анализа и ќе се испитува договорот за концесија.
Интересно е тоа што спортската сала “Македонија” била изградена за само 9 месеци во 1978 година, додека пак Универзалната сала била завршена за рекорни 100 дена во 1973година.