Ердоган ја гради најголемата џамија на Балканот: Зданието високо 50 метри ќе може да прими 5000 верници

Проектот за изградба на најголемата џамија на Балканот во центарот на Тирана брзо напредува и се очекува дека џамијата, чија изградба ја финансира Турскиот директорат за верски прашања ќе биде завршена до крајот на годината.

Големата џамија во Тирана (Намазга џамија) ќе биде голем верски центар кој ќе може да прими повеќе од 5000 луѓе, со библиотека, културен центар и сала за конференции. Покрај Куранот, луѓето тука ќе можат да го изучуваат и турскиот јазик.

По падот на комунизмот во Албанија во 1991 година, албанските муслимани често се жалеле дека се дискриминирани и дека биле приморани да се молат на улица. Во 1992 година, тогашниот претседател Сали Бериша го поставил камен-темелникот на џамијата која ќе биде изградена во близина на парламентот, меѓутоа изградбата била одложена откако претседателот на парламентот, кој бил католик, ги осуетил плановите. Конечната одлука за изградба ја донел Еди Рама во 2010 година, кој во тоа време беше градоначалник на Тирана.

Џамијата ќе има четири минариња високи 50 метри, додека централната купола ќе биде висока 30 метри.

Турскиот претседател присуствувал на свеченото поставување на камен-темелникот на џамијата во Тирана во 2015 година, кога изјавил дека станува збор за “единствен симбол на братството на двете нации”. Џамијата се наоѓа во Албанија, но архитектонски наликува на онаа во Истанбул.

Турција финансирала обнова на повеќе од десетина верски објекти во Косово и изградба на повеќе од 20 џамии. Освен тоа, во план е изградба на уште еден огромен објект како оној во Тирана – во Приштина.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.