Едно поинакво музичко патување кое ги воодушеви прилепчани: Во црквата Св. Петка се одржа концерт на духовна музика кој предизвика солзи од радост (ФОТО/ВИДЕО)

Незаборавна вечер во преполниот со народ, храм Св. Петка во Прилеп. Реномираниот естраден уметник Сузана Спасовска во придружба од протопсалтот м-р Георгиј Секулоски, клиросите Бранче Трајкоски и Александар Трајкоски и хорот при храмот „Св. Петка“, ги поведоа присутните гости на невообичаено патување, чија траекторија водеше низ црковното музичко минато, но за цело време, оттаму, наѕираше во вечноста.

Како што и самата уметничка рече, ова и за неа „невообичаено патување кое се одвива на една поинаква за неа сцена“, започна токму во храмот „Св. Петка“ во Прилеп, односно ова беше прва концертна изведба на црковните песнопенија од проектот наречен „Терирем“.

Добро познатиот глас на солистката Сузана Спасовска одзвонуваше во храмот, изведувајќи црковни песнопенија кои ги воодушевија сите присутни.

Пеејќи од душа, со срце набиено емоции и надополнето со вера во Бога, солистката со својот добро познат, моќен а во исто време нежен вокал, задре во најдлабоките сокровишта на душите „топејќи“ ги срцата на присутните па не беше реткост да се видат и насолзени очи.
После секоја песна следуваше силен аплауз а на крајот, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, одржа кратко пофално слово.

Воодушевувањето лебдеше околу храмот уште долго по завршувањето на концертот, пропратено со благодарност на Бога за прекрасната вечер која ни ја приреди нашата Сузана Спасовска. Веруваме дека ехото од овој концерт на духовна музика силно ќе одекне не само во Македонија и македонските храмови ами и во соседните православни дршави и цркви и, се разбира низ храмовите во дијаспората.

в.д. старешина на храм „Св. Петка“
протоереј Љупче Петрески

Фотографија: Андреј Иваноски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.