Единствениот поп рок хор во Македонија во сабота гостува во Прилеп: Бидете дел од ова уникатно музичко доживување (ВИДЕО)

Во сабота, со почеток од 19:00ч. во киното “Мис Стон” во Прилеп, ќе гостува единствениот поп рок хор во Македонија – BITVOX. Едно поинакво уникатно музичко доживување кое вреди да се проследи.

ЗА BiTVoX

Почетокот на 2022 год., заситени од поспаноста во сите сфери, предизвикана од Ковид 19 пандемијата, битолските врвни музичари професорите Марина Коруновска и Александра Ристовска одлучуваат своите знаења, искуства и енергија да ги споделат, пренесат на млади и повозрасни ентузијасти и да ја живнат градската културно-музичка енергија преку создавање на поп-рок хор за возрасни, кој својата светлост на денот ќе ја види во март, 2022 година преку организирањето на две последователни аудиции, на кој ќе се пријават преку 40 љубители и ентузијасти за пеење, музицирање. Сите аматери со скромна или никаква музичка поткованост, но со огромно срце, љубов, основна музикалност  и талент за хорско пеење и негување на поп-рок музиката. Така започнува да живее Битвокс, хорот кој е ентузијастички музички одговор на возрасните, на веќе постоечкиот, еминентен детски хор во Битола и подалеку “Ѕвончиња”. Името доаѓа по двемесечниот спој на енергиите на членовите, кои заеднички одлучија да направат уметнички превод на нивното мото: ГЛАСОТ НА БИТОЛА. Тоа останува и главното мото на овој хор – да ги шириме позитивните вибрации преку музика, работа од срце и сплотеност и во Битола, но и подалеку.

Средбите, пробите кои во почетокот се одвиваа со едно умерено темпо, два часа неделно, прераснаа во желба и потреба на членовите и четири часа неделата да учат, вежбаат, посебно кога се подготвуваат за важен настап.

Музичката подготовка се одвива на организирано-спонтан начин и се состои од:

-споделување и практикување на голем број техники за дишење,

-правилна поставеност на телото и вокалниот апарат за пеење,

-одржување на психо-физичката кондиција (која неизбежно е потребна за добра изведба),

– вежби за релаксација

– избор и подготовка на музички репертоар,

– правење соодветни, оригинални и адаптирани за хорот аранжмани,

За една година хорот ги оствари следниве успеси:

  • Учество на Оф програмата на фестивалот “Браќа Манаки”-Битола, 2022 година, на 23 август, пред Народниот Театар на градот, со публика од стотина луѓе, љубители на оваа музика, роднини и пријатели на изведувачите, кои дојдоа како најголема поддршка на првиот настап на хорот.
  • Покани за голем број настани, свечености во градот и околината кои поради новиот репертоар и новите членови на хорот се договорени за блиска иднина.
  • Статии во повеќе портали, медиуми, чие внимание го привлече хорот, поради необичноста и оригиналноста во изведбата на познати музички остварувања.
  • Покани за државни и светски натпревари, каде хорот ќе го претставува не само градот Битола , туку и С.Македонија.
  • Настап по повод “40 години Рек” – Битола
  • Учество на “Зимска приказна 2023”
  • Зголемен интерес за членување во хорот.
  • Роденденските концерти кои поради големиот интерес во два термини се одржаа (8.4.2023 год. и 11.4.2023 год.) во КИЦ Офицерски дом – Битола.
  • Настап на Дистриктната конференција 2023 – “ Imagine Rotary”

Со оглед на едногодишното постоење, хорот “Битвокс” донесе нов бран на надеж меѓу сите генерации во градот. Негување и  промоција на популарната музика од сите ери, преку обработки на евергрини, познати музички нумери на светски изведувачи, но пред сé, во секој наврат, негување и оживување на квалитетната македонска музика.

Непишаното правило во хорот е, при секоја етапа од создавање на репертоарот да има по една поп-рок песна од битолски изведувач. На тој начин покрај негувањето на различностите и величење на квалитетот на светската музика ( од англиско јазично наречје, српско, хрватско, германско, италијанско, шпанско), примарно е негувањето и овековечување на македонската и битолска музика, преку оригинални аранжмани кои повторно ќе не потсетат колку е убава нашата музика, нашиот певлив јазик.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.