Еден ден после Прилеп – Битола одбележува 81. година од ослободувањето на градот (ФОТО)

По повод 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола, денес се одржуваат свечени активности со кои се одбележува значајниот датум од нашата историја, 81 година слободна Битола.

Одбележувањето започна со традиционалниот прием на претставници од Општинската организација на Сојузот на борци, во кабинетот на градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Во рамките на програмата, беа положени свежи цвеќиња пред Споменикот на Народноослободителната војна и Револуцијата пред Центарот за култура, како и пред Споменикот на народниот херој Стив Наумов во Битола. Свежо цвеќе положија градоначалникот Тони Коњановски, претставници на Советот на општина Битола, членови на Сојузот на борци, претставници на политичките партии и делегациите од збратимените градови.

Градоначалникот Коњановски, потсетувајќи на историското значење на 4 Ноември, упати честитка до граѓаните на Битола:

„Денешниот датум претставува потсетник на хероизмот и жртвата на нашите предци кои ја изборија слободата на градот. Наша должност и обврска е нивниот спомен да го чуваме и пренесуваме на идните генерации, како залог за трајна слобода и достоинствен развој на нашиот град. Нека е честит денот во кој одбележуваме 81 година слободна Битола.“

Во рамките на свеченостите, градоначалникот Тони Коњановски организираше средба со делегациите од збратимените градови, кои годинава се дел од свечените празнувања – делегациите на Кременчук од Украина, Стари Град, Белград од Србија, Пожаревац од Србија, Плевен од Бугарија и Бурса од Турција.

Одбележувањето ќе продолжи вечерва во 19:00 часот со одржување на Свечена академија, на која ќе бидат доделени општинските награди за едногодишни достигнувања и наградата за животно дело, по што ќе следува културно-уметничка програма во организација на Општина Битола.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.