Во Битола во полн ек се работите околу изградбата на големиот хотелско-деловен комплекс „АТИК Премиум“ во Битола, инвестиција вредна 12,5 милиони евра, која ќе внесе нова динамика во урбаниот и туристичкиот развој на градот.
Комплексот се гради на атрактивна локација, на стотина метри од Широк Сокак, во непосредна близина на Градски парк Битола, Музеј на град Битола, Градски стадион Битола и населбата Златен рид. Станува збор за реон кој во изминатите години прерасна во една од најелитните градски зони, со нови станбени објекти, трговски центри и бројни содржини од јавен и комерцијален карактер.
Идниот хотел ќе располага со поглед кон Тумбе Кафе, локација која носи силна историска симболика и сведочи за различните цивилизациски периоди, од Отоманската империја до современото време.
Најголем придонес во реализацијата на овој значаен проект има прилепската градежна компанија ТВРДА ГРАДБА, која е ангажирана како изведувач. Со своето искуство и реализирани проекти, фирмата од Прилеп ја доби довербата за изведба на комплекс од ваков обем и значење, со што дополнително се зајакнува регионалната соработка меѓу Прилеп и Битола.
Инвеститори на комплексот се компаниите Премиум Пиво ДООЕЛ Битола и АТИК Премиум ДОО Битола, чии косопственици се Александар Талевски и Игор Колевски, партнери познати по реализација на повеќе станбени проекти во Битола. Финансирањето на инвестицијата е обезбедено преку сопствени средства и кредитна линија од реномирана банка.
Според инвеститорите, комплексот ќе има значајна улога за спортската и културната инфраструктура во градот. Тој ќе обезбеди сместување за спортските клубови и спортистите од Битола, како и за екипите кои доаѓаат од европските земји за меѓународните натпревари на РК Пелистер, ФК Пелистер и националните репрезентации. Дополнително, хотелот ќе понуди услови за престој и на гости поврзани со културни настани од домашен и меѓународен ранг.
Со почетокот на градежните активности, „АТИК Премиум“ се позиционира како еден од најзначајните приватни инвестициски зафати во Битола во последните години, а прилепската „ТВРДА ГРАДБА“ како клучен носител на изведбата на овој капитален проект.




























