Точно 1 349 службеници кои според Рамковниот договор се вработени во Министерството за политички системи и односи меѓу заедниците, ќе бидат распоредени во 237 институции и органи на државната и локалната самоуправа. Меѓу нив, најголемиот дел се економисти и правници, но има и кадар со средно образование.
Планот за нивен трансфер помина на владина седница, а денеска првиот вицепремиер и министер за политички системи, Артан Груби го презентираше планот.
Груби тврди дека станува збор за прочистена листа односно дека на неа нема такви кои се водат како вработени, а се во странство. Оние кои нема да дојдат да си го подигнат упатното решение за во друга институција, ќе бидат ставени на трансфер листа, а потоа ако ја одбијат првата понуда ќе добијат отказ.
Тој вели дека меѓу овие лица нема само Албанци, туку и Македонци, Роми, Турци, Срби и Бошњаци. Нивниот трансфер ќе се врши преку систематизација на работните места на исто ниво согласно условите кои ги исполнуваат. Во рок од седум дена, тие треба да си ги подигнат упатните решенија од Министерството за политички системи и односи меѓу заедници, а Груби очекува тоа да се случи до крајот на наредната недела со оглед дека треба да доаѓаат лично, а притоа да не се прави метеж поради почитување на протоколите за заштита од ковид-19.
Тој ја соопшти и процедурата како ќе се врши трансферот.
–Врз основа на планот за распределба, институциите ја утврдуваат одлуката додека раководните лица во институциите се должи да започнат постапка за усогласување на актите на систематизација на работните места во рок од 30 дена од одобрувањето на планот. Министерството за финансии веќе даде целосна согласност за планот, додека Министерството за информатичко општество и администрација е должно да даде согласност во рок од седум дена за промените во систематизацијата. Органите на државните администрација во кои ќе бидат распределени службениците се должи да им обезбедат стручна обука со цел да ги подобрат нивните знаења и вештини, вели Груби, според кој, обуката нема да создаде никаков дополнителен трошок.
„Рамковните административци“, според презентираното, немаат право да бираат. Груби веќе им ги потпишал упатните решенија кои тие треба да ги примаат и да ја започнат процедурата на одјавување од тоа Министерство и пријавување во институцијата каде ќе треба да работат.
–Ако по кој било основ кој било од нив не дојде во рок од 7 дена, тогаш на сите тие им се укинува работното место во Министерството за политички систем и се ставаат на трансфер листа во Министерството за информатичко општество и администрација каде веќе изборот не е нивен, односно од институцијата која има слободно место им се нуди. Ако тоа го одбијат им се укинува работниот договор,рече Груби.
Првиот вицепремиер тврди дека станува збор за прочистена листа односно дека на неа нема такви кои се водат како вработени, а се во странство. Дел од нив, вели тој, сами поднеле барање да им се раскине договорот, а други им се даде отказни решенија.
Тој прочита и дел од институциите кои ќе преземат поголем број на службеници, а списокот можете да го погледнете во продолжение:
Министерство за внатрешни работи 143; Управа за јавни приходи 92; Државно правобранителство 74; Царинска управа 74;
Управа за водење на матични книги 41; Државен пазарен инспекторат 35; Агенција за заштита на личните податоци 30;
Агенција за катастар 29; Министерство за надворешни работи 26; Клиничка болница Тетово 25; Министерство за финансии 25; Центар за управување со кризи 24; Фонд за здравствено осигурување 22; Министерство за земјоделство 21; Агенција за вработување 20; Државен завод за статистика 15; Фонд за пензиско и инвалидско осигурување 13; Управа за имотно правни работи 12; Служба за општи и заеднички работи при Владата 12; Државен архив 12; Државен инспекторат за труд 12; Министерство за информатичко општество и администрација 11; Министерство за образование и наука/Биро за развој на образование 11; Државен просветен инспекторат 10; Министерство за транспорт и врски 10; Агенција за храна и ветеринарство 10; Дирекција за заштита и спасување 10; Јавно претпријатие за државни патишта 10; Основен суд Тетово 10; Јавно обвинителство Тетово 10; Клиничка болница Куманово 9; Меѓуопштински центар за социјална работа – Гостивар 8; Министерство за животна средина и просторно планирање 5.