Д-р Тасески со најнов апарат за откривање на запушени артерии (ФОТО)

Приватната здравствена установа “Мед-Интерна” на реномираниот специјалист-интернист д-р Оливер Тасески од Прилеп го набави најсовремениот и единствен во нашата држава апарат за рана детекција на запушување на артериите на нозете.

Станува збор за апарат кој со помош на осцилометрија врши синхроно мерење на крвниот притисок на рацете и на нозете. Со тоа се одредува АБИндексот кој укажува за разликата во притисоците помеѓу лева рака и лева нога, како и десна рака и десна нога. Понискиот притисок на некоја од нозете укажува дека артериите на таа нога се запушени.

Апаратот користи смарт технологија. На рацете и на нозете на пациентот се поставуваат четири манжетни кои се снабдени со батериски компресори. Тие се управувани од таблет со кој се поврзани преку wi fi врска. Конечниот резултат се добива дигитално во форма на графикони каде со зелена боја се прикажани нормалните вредности на АБИ, а со црвена боја патолошките вредности, односно запушените артерии на соодветната нога.

Откриените патолошки резултати со овој апарат потоа се испраќаат за Колор Доплер сонографија, која метода д-р Оливер Тасески успешно ја изведува веќе 20 години. Со неа се визуализира местото на запушување на артеријата. Пациентите со ваков патолошки наод се испраќаат на консултација со васкуларна хирургија за операција од типот бај пас на запуштената артерија од соодветната нога.

Апаратот за одредување на АБИндексот е битен затоа што со мерењето кое трае само една минута се селектираат пациентите кои имаат периферна артериска болест. Притоа, 70% од овие пациенти немаат никакви симптоми за запушена артерија на ногата, а останатите 30% имаат симптоми како што се ладно стапало, болка во потколеницата при изодени 200-300 метри итн.

Раното откривање на пациентите со периферна артериска болест значи избегнување на тешките компликации кои водат до ампутација на нозете и инвалидизација.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.